9 C
Skopje

Интервју Димитар Коруноски – претседател на ФСС на Филозофски факултет

АКТУЕЛНО

Влијанието на коронавирусот врз образовниот систем е огромно и го промени секојдневното нормално функционирање на професорите и студентите. Во таа насока разговараме со претседателот на Факултетското студентско собрание на Филозофски Факултет Димитар Коруноски.

ПОГЛЕД: Кога е основано Факултетското студентско собрание на Филозофски факултет во Скопје и како сте задоволни од досегашната негова работа до моментот на појавување на кризната состојба од коронавирусот?

Најпрво би благодарам за поканата за интервју, затоа што е важно да се искористат сите расположливи средства за да ги запознаеме студентите со насоките и идеите за подобро функционирање на високобразовниот процес во оваа вонредна состојба.

Конститутивната седница на Факултетското студентско собрание на Филозофскиот факултет (ФСС на ФзФ) се одржа на 11 декември 2019 година. Девет дена претходно беа одржани изборите за Претседател и студентски претставници во ФСС, на кои имаа право да гласаат сите активни студенти од сите три циклуси. На Филозофскиот факултет функционираат 12 институти, а во ФСС учествуваат студенти од сите институти. Треба да се каже дека ФСС беше формирано после едноиполгодишен вакуум, во кој не постоеше студентско собрание или друга форма на студентска организација. Ова секако не го кажувам како алиби и нема да навлегувам во причините зошто немаше студентско собрание, но треба да се има предвид дека ФСС беше новоформирано тело кое започна од нула. Нормално, секој почеток е тежок и најголем дел од нашето време и енергија беа посветени на пишување и носење на Статут, формирање на претседателството, формирање на комисии, избор на претставници во ННС и УСС. Откако го завршивме овој формален, но нужен дел од нашата работа, можевме целосно да се посветиме на тоа за што бевме избрани од нашите колеги и активно да се бориме за интересите на студентите.

ПОГЛЕД: Поради пандемијата запре наставата на факултетите низ државата. Дали може да ни кажете на какво ниво се одвива комуникацијата помеѓу Вас како студентско собрание и студентите кои претпоставуваме имаат повеќе барања во овој период?

Во денешно време е лесно да се оствари комуникација. Јас, а и целото ФСС, секојдневно комуницираме со студентите, ги слушаме нивните барања и потреби и бараме начин да го решиме секој проблем. До нас дневно пристигнуваат стотина пораки со молби за совет и помош. Дел од студентите живеат во рурални подрачја и немаат квалитетен интернет. На ФзФ имаме и студенти со посебни потреби, кон кои и професорите и колегите треба да покажат поголемо разбирање и да им излезат во пресрет. До сите студенти на ФзФ се испратени мејлови со насоки кон кого да се обратат за помош (тоа се претежно студентските претставници во ФСС). Ние, како ФСС, зедовме обврска да им помогнеме на сите оние што немаат пристап до учебните материјали и, доколку е потребно, да им ги испорачаме до нивната адреса на живеење. За сите барања на кои што како ФСС не можеме директно да одговориме, се обраќаме кон професорите, или до Деканатот. Среќен сум што професорите се целосно ориентирани кон тоа да им помогнат на студентите и заеднички успеваме да најдеме решение дури и за одредени студентски барања кои се навидум невозможни.

ПОГЛЕД: Дали деканатската управа, професорите се достапни за студентите и дали излегуваат во пресрет на барањата на студентите?

Делумно одговорив во претходното прашање, но ќе ви наведам еден пример: минатата недела телефонски ми се обрати колега кој ми кажа дека условите не му дозволуваат да ги симне учебните материјали од интернет. Се јавив кај еден од нашите професори за да му укажам за проблемот. По неколку часа повторно ми се јави професорот, кој живее во Скопје, и ми кажа дека веќе се наоѓа во демирхисарското село каде што живее студентот и побара негов контакт за да му ги даде потребните материјали.

Што се однесува до Деканатската управа, нејзин член е и Претседателот на ФСС, па оттука, преку мене, сите студентски барања се разгледуваат на онлајн седниците на Управата и заеднички бараме флексибилни решенија за секој проблем. Верувам дека Деканот, продеканите и раководителите на институтите имаат и други грижи, кои не се поврзани со студентите, но имам впечаток дека на Деканатската управа најважните прашања за кои што расправаме се поврзани со потребите на студентите.
На ФзФ работат над 100 професори, а студентите ги имаат професорските е-маил адреси и можат да им се обратат за било каков проблем. Со дел од професорите комуницираме телефонски, или преку социјалните мрежи. Мислам дека иако физички се оддалечивме, кризата со вирусот Covid-19 ни помогна многу повеќе да се зближиме со нашите професори.

ПОГЛЕД: Како претставник на студентите дали мислите дека онлајн полагањето е во ред, ако се земе предвид фактот дека кај многу студенти има револт по однос на ова прашање?

Не сакам да носам избрзани решенија и секогаш сакам да ги слушнам различните мислења за да го оформам сопственото мислење. Првиот инстинкт кај студентите најчесто вели дека преку онлајн полагање полесно би се стигнало до преодна оцена. Но колку повеќе ги слушав сите мислења и размислував за прашањето, сè повеќе се согласувам со оние студенти, кои се мнозинство, што сметаат дека не треба да има онлајн полагање. Една колешка ми рече: ќе се чувствувам како да не сум ја заслужила дипломата доколку моето знаење не биде верифицирано на испит, очи в очи со професорите. Повеќе колеги ми посочија дека не смее да има сомнеж за било каква foul play при полагањето на испитите. Огромното мнозинство од претставниците во ФСС сметаат дека онлајн полагањето не нуди никакви гаранции за квалитет и дека тие плаќаат за квалитет, а не за импровизација. Идентичен е ставот и на УСС.

Навистина, кај одредени студенти се јавува и револт, кој не смееме да го занемариме, бидејќи често пати е и оправдан. Дел од нив ми укажаа дека веќе имаат договорено работен ангажман во странство и дека доколку нема јунска сесија и онлајн полагање, тие воопшто нема да добијат шанса да полагаат до следната година. Некои, кои имаат уште само неколку испити до дипломирање и планираат да ги продолжат магистерските студии во странство, би имале реален проблем доколку не им се укаже можност да полагаат. Но, за жал, повеќето со кои што разговарав, а претпочитаат онлајн полагање, како главна причина ја посочија можноста да препишуваат на онлајн испитите и полесно да дојдат до преодна оценка. Тоа не е фер ни кон останатите студенти што ќе се натпреваруваат на пазарот на трудот, ни кон општеството, а ни кон идните генерации, кои во нас ќе треба да гледаат пример. На нашата држава ѝ се потребни квалитетни кадри, а не импровизатори.

За среќа, пак, тие се малцинство. Огромното мнозинство студенти на ФзФ аргументирано докажуваат зошто се против онлајн полагањето.

ПОГЛЕД: Дали членовите на студентското собрание се достапни за своите колеги и на кој начин се одвива соработката меѓу претставниците на инстутите, кои се нивните задачи?

Тука ќе потенцирам дека имам среќа да соработувам со извонреден тим. Како што веќе кажав, во ФСС учествуваат претставници од секој институт на факултетот (најмногу 4 претставници од институт). Имајте предвид дека Филозофскиот факултет е многу поразличен од сите останати факултети на УКИМ. Интересите на студентот од специјална едукација и рехабилитација и на оној што студира класични студии или археологија, не се исти. Потребите на студентка што студира психологија и на студентите што студираат историја или безбедност, одбрана и мир, најчесто се дијаметрално спротивни. Нивниот профил е различен. На почетокот и јас, студент по историја, имав тешкотии да ги разберам потребите на студентите од институтот за родови студии, или социјална работа и политика. Но тука влегува во игра ФСС. Импресиониран сум од мудроста на студентите да ги одберат најдобрите претставници на сопствените интереси. Изборите не беа натпревар на популарност, каде што победуваа оние со повисока социјална интелигенција. Напротив, ФСС е толку разнолико, што во него влегоа студенти со просек 10.00, студенти со одлични менаџерски способности, хумани луѓе кои се образуваат да станат дефектолози и психолози што ќе му помагаат на општеството, луѓе од акција, но и луѓе што ја сакаат книгата. Тоа честопати ја компликува мојата задача да ги водам седниците на ФСС, бидејќи стигнуваат идеи и совети од најразлични профили на студенти. Затоа и седниците понекогаш траат предолго. Но на крајот стигнуваме до најдоброто решение. Да бидам конкретен во однос на вашето прашање – студентските претставници во ФСС се целосно вложени во својата задача. Постојано се достапни за своите колеги, пренесуваат информации, бараат и изнаоѓаат решенија и се откажуваат од сопствениот комфорт за да им помогнат на другите.

ПОГЛЕД: Според статутот на факултетското студентско собрание потребно е да има комисии за одредени подрачја, како тие се вклучуваат и што придонесуваатво оваа вонредна состојба?

Во ФСС има шест комисии: за нормативна дејност, за образование и наука, за комуникација и соработка, за економија, за спорт и за култура. Денес дел од комисиите не можат да функционираат од домашни услови. Но комисијата за образование и наука, како и комисијата за комуникација и соработка се целосно ангажирани во задачата да им помагаат на студентите во обезбедувањето на е-материјали, во функционирањето на е-наставата, во комуникацијата помеѓу студентите, професорите и органите на ФзФ.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

Д-р Караџовски: До последните капки пот од нос ќе работиме

Д-р Жарко Караџовски на денешната прес конференција напомена дека најголем број од пациентите се со лесна клиничка слика. Дел од симптомите се слабост малаксаност,...

Заврши најновата владина седница: Донесени се следните одлуки

Владата на Република Северна Македонија на денешната 15-та редовна седница ги усвои дополнувањата на ребалансот на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година...

Ковачев: Наместо бугарски фашистички окупатор пред споменицоте да стои бугарска администрација составена главно од Македонци

Откако министерот за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов во едно од своите телевизиски интервјуа се закани дека ќе испрати полк во Македонија кој ќе...
- Advertisement -