11.5 C
Skopje

ИНТЕРВЈУ СТЕФАН БОГОЕВ: Карпош, полека но сигурно прераснува во ДОМ за сите генерации

АКТУЕЛНО

Г. Богоев. Денешните интервјуа обично започнуваат со стандардните прашања за мерките кои општините ги преземаат во борбата против коронавирусот, но нашето прво прашање е за зеленилото во Карпош и со какви конкретни мерки и активности работи општината за зголемување на зеленилото?

– Зголемувањето на зеленилото, зголемено одржување на постоечките и подигнување на нови зелени површини е еден од моите приоритети и во изборната програма. Затоа изминативе две ипол години сериозно инвестираме во оваа област. Најдобра потврда е изведбата на новиот парк, долж Вардар и бул. „Илинден“, од мостот „Газела“ до Алпинистичката карпа. Заедно со Град Скопје и јавните претпријатија, веќе израмнивме и исчистивме површина од 60.000 м2, која со децении беше депонија во урбаното јадро. Тука ќе добиеме нов парк, со уредено зеленило и нови дрвја. Зеленилото ќе се обнови и во рамки на Спортско – адреналинскиот парк (кај Алпинистичката карпа), каде што ќе се засадат нови 120 дрвја.

Кога станува збор за меѓублоковското зеленило односно зеленилото меѓу зградите и на ова ставивме сериозен акцент. Имаме нови тревни површини и системи за наводнување во Карпош 4 (на аголот меѓу бул. „Партизански одреди“ и „Љубљанска“), а се обнови и зелениот корнер во Карпош 2, спроти Драмскиот театар. Паралелно поставуваме систем за наводнување и за зелените површини во ТЦ „Лептокарија“ (Карпош 3), кај кулата на ул. „Иван Аговски“ (Карпош 1) и кај воените кули во Нерези. Веќе имаме активности на терен за нова зелена површина и меѓу зградите на „Московска“, во близина на пазарчето во Тафталиџе. Иако се мали, овие маалски зелени катчиња се многу важни. Тие се поблиску до граѓаните, до децата и придонесуваат за развивање и на маалскиот соживот. Во оваа насока продолжуваме и во претстојниот период.

ПОГЛЕД: Од руиниран објект до енергетски ефикасна градинка со еден сосема нов лик е градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе која е еден пример за успешен и модерен проект на општината Карпош. Кои се најголемите проекти на Стефан Богоев како градоначалник на општина Карпош во областа на образованието?

Во предучилишното образование навистина имаме голем напредок. Направен е целосно нов објект на градинка во Бардовци. Станува збор за место кое беше без градинка и родителите од овој дел и од Злокуќани беа приморани да ги носат децата во градинки во другите населби. Со новиот објект се доби простор за згрижување на 78 деца. Нов објект направивме и за „Мајски цвет“ во Тафталиџе 2, кој исто така е енергетски – ефикасен и опремен со современи дидактички материјали.

Тоа што ме радува е што започнавме со реконструкција на еден од најстарите објекти на градинки, а тоа е „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1. Целосно се реконструираат тоалетите, се менуваат прозорите и вратите, а ќе се продолжи со обнова на кровот, подот и фасадата. Објектот навистина беше во лоша состојба и моравме да започнеме со активности, затоа што Тафталиџе 1 е населба во која се зголемува бројот на жители, како резултат и на агресивната урбанизација која се случи во минатото.

Во сите градинки се одвива и процес на дезинфекција на душеци и теписи, со цел да се отстранат бактериите и вирусите од нив. Од претходно се спроведуваат и различни програми за развој на когнитивните вештини и моторика кај дечињата.

Во делот на основното образование продолжуваме со грижа за инфраструктурниот дел од основните училишта. Минатата година ја обновивме салата на училиштето „Владо Тасевски“, се реконструираа дел од соблекувалните и тоалетите во „Димо Хаџи Димов“, а претходно се направија и нови терени во „Јан Амос Коменски“, „Војдан Чернодрински“ и „Братство“. Заедно со учениците, нивните родители и наставниот кадар во повеќе училишта се направија и еко – училници за следење настава во надворешни услови. Периодов ни се одобрија и проектите за ново зеленило со системи за наводнување во дворот на „Војдан Чернодрински“, „Петар Поп Арсов“ и „Христијан Тодоровски – Карпош“. Со поддршка од Владата, овие дворови ќе добијат уредено зеленило и ќе прераснат во зелени спортско – рекреативни центри. Ќе продолжиме и со поддршка на младите, преку стипендии за талентирани ученици и спортисти, поддршка на граѓански организации за реализација на проекти со учениците и наставниот кадар и сл.

Задоволство ми е што Карпош беше првата општина која воведе е – настава во период на коронавирус. Искрено, затоа што претходно посериозно се занимавав со младински политики и прашања, среќен сум што како градоначалник повторно можам да работам и да придонесувам, во овој случај за најмладите, за нашата сегашност и иднина – дечињата од градинка и учениците од основното образование.

ПОГЛЕД: Кога веќе зборуваме за образованието, морам да ве прашам за вашиот став околу доцнењето со реконструкцијата во студентските домови. Вие бевте еден од оние кои најгласно зборуваа за реновирани студентски домови и студентски град. Факт е дека одредени работи се подобрени, но далеку сме од очекувањата и ветувањата. Зошто според Вас се доцни толку многу, сепак поминаа три години како на власт беше СДСМ кој ветуваше дури и изградба на нов студентски град. Дали Вие лично чувствувате револт кон институциите поради ненавремената реализација на овие ветувања?

Со обновата на последните блокови, В и Г од студентскиот дом „Гоце Делчев“ се комплетираше реконструкцијата на овој дом, за кои повеќе години и јас и други мои колеги и млади луѓе се залагале. Драстично е намалена и младинската невработеност, која денеска изнесува 35 % (во 2019 година), од високите 48,2 % во 2016 година. Напредок има, но ќе се согласам дека не е доволно.
Секако дека не ги заборавам и не сакам да го заборавам периодот кога активно работев за младите, и јас, но со мене и многу други млади луѓе. Тоа беше период кога младите луѓе први го кренаа гласот против режимот. Жртвуваа дел од својата младост и комфорност и одржаа лекции на голем број поискусни граѓани, професори, па и политичари кои го напуштија Груевски и ВМРО – ДПМНЕ кога видоа дека „бродот“ тоне.
Апсолутно дека ова што сега се прави за младите не е доволно. Потребна е поголема енергија и координираност од сите институции за теми кои ги засегаат младите луѓе, како образование, младинска невработеност, состојба на студентски домови, студентски стандард.

ПОГЛЕД: Веќе неколку месеци функционирањето на секојдневниот живот е променето поради состојбата со Ковид-19. Што конкретно презема општината за справување во една ваква состојба?

Општина Карпош овие месеци со сите сили, ресурси и механизација се фокусираше на намалување на последиците од Covid – 19.
Темелно се мијат и дезинфицираат сите улици, со пет цистерни. Ова е активност која ја започнавме уште пред коронавирусот затоа што повисоката јавна хигиена и миењето на улиците со цистерни го најавив и во предизборието. Во седум наврати ги дезинфициравме зградите, тоа се повеќе од 1.100 влезови во Карпош. Заедно со Црвениот крст организиравме мобилни тимови кои вршат набавка на храна и лекови за покритични категории на граѓани.

Продолживме и со организирање на редарски служби пред маркетите, во соработка со Сојузот на извидници на Македонија. Изминатава недела се поделија и 3.000 маски во Бардовци, Нерези и Злокуќани, како места со повеќе домаќинства во социјален ризик. Исто така, поделивме и социјални пакети со храна и средства за дезинфекција за голем број на домаќинства. Имајќи ја предвид состојбата и фактот што граѓаните се постојано во своите домови, организиравме и музички настан „Звуците на урбан Карпош“ со DJ Babura Junior, каде што карпошани имаа можност од своите тераси барем за момент да се забавуваат. Сметам дека изминатиов период навистина покажавме што значи општина – сервис на граѓаните.

ПОГЛЕД: Кој е проектот на кој што најмногу се гордеете од вашиот досегашен мандат како градоначалник на Карпош и кои се најважните проекти кои треба да се реализираат до крајот на вашиот мандат?

„Партизан“. Затоа што покажавме дека не сме сите исти. Овој спортски центар свесно се запушташе за на локацијата да „никне“ нова зграда. Тоа не го дозволивме. Трајно го заштитивме јавниот простор и работиме на реконструкција на салата, при што ќе се задржи автентичниот изглед. Исто така, горд сум што работиме на новиот парк долж Вардар. Карпош и Скопје ќе добијат нови бели дробови, нов простор за рекреација на граѓаните.

Ова се два сеуште активни проекти кои се надевам целосно ќе се реализираат до крајот на мандатот, а на нивна реализација работам од првиот ден.

Секако дека има и други проекти, на кои работиме и планираме реализација. Меѓу позначајните е новата градинка во Влае, но соочени сме со недостаток на соодветна јавна површина за нејзина изградба. Се работи и административниот дел за изведба на базен со училишни димензии, а нов лик ќе добие и предниот дел од училишниот двор на ООУ „Лазо Трповски“, кој ќе прерасне во зелен спортско – рекреативен центар и веќе се работи на истиот. На Карпош му беше потребна нова енергија и поголема грижа за зеленилото, како и заживување на култните населби. Со новите маалски паркчиња, спортски терени, детски игралишта го враќаме и маалскиот живот во општината која е позната како „спалната соба“ на Скопје. Карпош, кој полека но сигурно прераснува во ДОМ за сите генерации.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

И Сашо Мијалков се прости од Амди: Беше легенда 102, 3 %, ќе бидеш долго запаметен на јавната сцена

Драг пријателе, Беше легенда 102,3%, вели Сашо Мијалков по повод смртта на Амбди Бајрам. – Со својата појава и уникатно однесување ке останеш долго запаметен...

Бројките се повторно страшни: За последните 24 часа од 1524 тестови, позитивни на Ковид-19 во земјата се дури 404 случаи

Во последните 24 часа се направени 1524 тестирања, а регистрирани се 404 нови случаи на ковид-19 во: Скопје 172, Куманово 15, Дебар 4, Штип 8,...

Васко Ефтов: Што не можел да направи Дурловски, а го зборувал? – дали поради ова Дурло го врати мандатот?

Веќе втор носител, од вкупно шест носители на изборните листи на ВМРО ДПМНЕ, си поднесе оставка во последните два месеци. Вчера, носителот на изборната листа...

ТАЖНА ВЕСТ Еден од најпопуларните политичари почина: Амди почивај во мир

На 64-годишна возраст денеска почина Амди Бајрам. Фокус доби потврда од болницата Жан Митрев, каде веќе бил донесен починат. Амди Бајрам пред само 6 дена...
- Advertisement -