5.8 C
Skopje
Friday, March 29, 2024

ИНТЕРВЈУ Стефан Богоев: Живот ќе има за сите, без разлика на политичката определба

ПОГЛЕД: Г.Богоев. Во 2014 година од пред студентскиот дом Гоце Делчев – Скопје ветивте дека во Скопје ќе изградите нов студентски град и реконструкција на постоечките домови. Има ли рок до кога можеме да очекуваме дека владата на СДСМ ќе изгради студентски град во Скопје и ќе ги исполни дадените ветувања?

Точно е. Тоа беше едно од нашите клучни точки на критика, но и клучно ветување во кампањата и севкупно во изминатите години. Оваа година, со смената на власта наследивме буџет и државна каса кои се во прилично тешка состојба. И ова не е нешто неочекувано имајќи го во предвид налудничавото и расипничко трошење во изминатите 10 години. Но, и покрај тоа Владата најде начин со ребалансот на буџетот да одвои повеќе средства за реконструкција на студентските домови отколку што беше потрошено ланската и сите изминати години. Оттука, реконструкција во одредени делови ќе започне и годинава, а студентски град очекувам да биде предвиден во Буџетот за 2018та година и во истата да започне со изградба.

 

ПОГЛЕД: Во Планот за Живот на Вашата партија е наведено дека во Битола, Штип и Тетово ќе бидат изградени студентски кампуси. Кога тие проекти ќе станат реалност и како ќе бидат финансирани истите?

 

Во дел од овие градови веќе има студентски домови или кампуси. Целта е истите да се реновираат, модернизираат, но и да се доизградат нови содржини. На пример, да се изградат библиотеки и читални или пак мулти функционални сали за кино и театар. Таргетот ни е студентите да имаат скоро се на едно место. Така функционираат студентските кампуси насекаде во светот. Верувам дека дел од овие работи исто така ќе се предвидат со буџетот за следната година и дека би требало да се готови до крај на средната или најдоцна до прва половина на 2019та година. Секако и покрај тешкотиите кои ни се наследени од режимот, главниот фокус сеуште ни останува на младите и на студентите.

 

ПОГЛЕД: Во вашата програма ветивте 10. 000 евра неповратни средства за млади, отварање на старт-ап центри за поддршка на млади бизнисмени. Кога можеме да очекуваме реализација на овие ветувања?


Тоа е една мерка која јас ја иницирав лично и партијата целосно ја прифати и поддржа и влезе во нашата програма. Покрај неповратните пари за младите со најдобри бизнис идеи, планот е тие да добијат и канцеларии со канцелариски мебел како и правна и сметководствена поддршка бесплатно во овие старт ап центри. Така, младите со најдобри бизнис идеи ќе имаат шанса веднаш и сериозно да започнат со реализација на тоа што го планирале. Понатаму, ако добро го развијат бизнисот ќе може да вработат и други млади луѓе. Малите и средните претпријатија се моторот на економијата и ова е една од мерките кои ќе помогнат во тоа. Јас ќе инсистирам да започне од 2018та година, а ако владата не прифати ќе го поднесам и како предлог во Собранието. Сепак, и ние пратениците имаме голема улога во носењето на вакви позитивни решенија.

 

ПОГЛЕД: Дали владата на СДСМ ќе дозволи и оваа академска година студентите да се соочат со старо нови проблеми и да се вселат во катастрофални услови во женскиот блок во СД Стив Наумов, за кои што и Вие самиот алармиравте дека се под секое човечко достоинство? 

 

Како што реков и погоре, состојбата во буџетот е катастрофална. И покрај тоа, инсистирам веднаш средствата кои се планирани да се реализираат и да се средат домовите, барем за почеток да имаме нормални и човечки услови. Директорите кои се остатоци од режимот на ВМРО ДПМНЕ го опструираат овој процес, но сум сигурен дека и министерката Дескоска ќе најде начин како ова да се надмине и студентите да добијат достоинствени услови за живот за време на студирањето.

 

Претседател на СДММ, Пратеник на СДСМ

 

ПОГЛЕД: Практичната настава во високото образование е еден од проблемите со кои се соочуваат академските граѓани. Какви мерки ќе превземете  за подобрување на условите за практична настава и нејзиното проширување на едно далеку посолидно од моменталното ниво.

 

Моментално по она што го имам како информација, во министерството за образование се разговара заедно со професорите и претставници на студентите за измени или пак дури целосно нов закон за високо образование. Интенцијата е меѓу другото и реформа во делот околу практичната настава. Покрај тоа, со младинската гаранција која ја имаме како проект и ќе ја имплементираме во целост предвидено е и на младите по завршување на формалното образование да им се понуди меѓудругото и пракса. Праксата е многу битна, бидејќи по завршување на образование младиот човек е поткован со теорија, но на работно место и на пазарот на трудот честопати се бара и практично знање како наученото од теорија да се имплементира. На овој начин, младите не само теоретски туку и практично ќе го подготвиме за да бидат конкурентни на пазарот на трудот и по продуктивни на работното место.

 

ПОГЛЕД: Освен подобрувањето на студентскиот стандард како примарна цел, какви се Вашите планови за подобрувањето на културно – забавниот живот на идните студенти? Дали би помогнале ако се појави иницијатива за создавање на студентски медиум (весник, портал), кој би бил гласило на студентите и место каде тие отворено би можеле да ги истакнат своите проблеми

 

Младите се секогаш авангардата и креативните умови во едно општество. Па така и Вие, како релативно млада редакција на порталот Поглед еве излегувате со една одлична и креативна иницијатива. Би ја поддржал целосно лично и професионално, а верувам кога ќе почне и проектот за најдобри бизнис идеи и старт ап центри дека ќе може и поголема поддршка да се добие оттаму
Во однос на културно-забавниот живот, имаме предвидено во програмата и идеа за патувачки младиснки театар, но и други мерки од оваа сфера. Убаво што ме потсетивте, ќе треба повеќе и јас како пратеник, но и Владата да се зафатиме и со оваа тема.

ПОГЛЕД: Дали конечно ние младите ќе дочекаме Македонија во која не е важно дали си лево, десно или центар, а е важно што можеш и дали совесно си ја работиш работата?


Кога велевме дека ќе го вратиме животот во Македонија, меѓу другото мислевме и на ова! Како што напоменав, младите се креативните мозоци во една држава и не смеат и никогаш повеќе нема да бидат ограничени и сопрени поради тоа што се или не се дел од некоја политичка партија. Законите, но и можностите треба да важат и ќе важат подеднакво за сите. Јас лично, а и моите колеги како и претставниците на Владата сме прилично достапни како луѓе и секогаш отворени за комуникација дали е тоа лично, телефонски или преку социјалните мрежи. Ве охрабрувам сите читатели на Поглед, во било кој момент ако почувствувате дека сте оштетени или обесправени поради било каква, вклучително и партиска припадност или неприпадност да ми се обратите на мене или на било кој од моите колеги. Заедно ќе реагираме и ќе се избориме против тоа. А бидејќи за жал, сите ние сме млади само одреден дел од животот, на сите млади сега, но и на идните млади им порачувам дека во мене како пратеник, но пред се како човек ќе можат да пронајдат партнер кој ќе се бори за подобар живот на младите. На крајот на краиштата, млад си само еден дел од животот физички, но во душата, верувам дека засекогаш млад ќе се чувствувам.

 

ПОГЛЕД: Како ќе реагирате ако во вашата партија се појави некој почитувач на ликот и делото на Силвана Бонева и ја премине границата со патните трошоци?


За да не дојде до ова, треба да се измени законот којшто ги регулира патните трошоци и да се најде поисплатливо решение за сите. Велам за сите, мислејќи и на граѓаните, но и на пратениците. Сепак, јас сум од Скопје, но верувам дека не е лесно секојдневно да се патува. Но, тоа сепак не значи дека треба тоа да се наплаќа со астрономски суми на пари!

 

поврзани објави

- Advertisement -
- Advertisement -

Последни објави

- Advertisement -