fbpx
12.8 C
Skopje

Каракамишева: Со т.н. избор на Џафери се повредени четири члена од Уставот

АКТУЕЛНО

Без разлика што вели Хојт Ји или кој било амбасадор во земјата, во Република Македонија мора да владее правото и мора да се почитуваат Уставот на РМ, Деловникот на Собранието и Законот за Собранието од страна на сите инволвирани субјекти во системот, вели професорката Тања Каракамишева.

Според неа, ако не владее правото, ако не се почитуваат уставните, законските и деловничките процедури за избор на претседател на Собрание, тогаш Македонија влегува во зоната на анархија каде што секоја следна институција или државен орган може да биде избран, разрешен, именуван на ист незаконски и неуставен начин, што ќе претставува вовед во целосен хаос на правниот систем.

– Сè додека Талат Џафери не е избран на стандардниот и вообичаен начин за избор на претседател, со почитување на сите дејствија и фази, тој не смее да се претставува, ниту да извршува надлежности како официјален претседател на Собранието.

При неговиот т.н. избор се повредени четири члена од Уставот (член 7, или амандман 5, член 8, став 1, алинеја 3, член 51, став 2 и член 63, став 1), целосно се суспендирани од примена 14 члена од Деловникот на Собранието на РМ (член 2, член 3, член 9, став 1, член 22, член 24, член 26, член 30, член 32, член 80, став 1 и 2, член 83, член 95, член 96, член 116, и член 174), и повредени се 4 члена од Законот за Собранието на РМ (член 32, став 1 и 5, член 23, член 37, и член 39) – објаснува Каракамишева за Телеграф.мк.

Според неа, во ваква состојба, кога се изврши државен удар врз уставниот поредок на земјата, кога се изврши класично политичко насилство врз Собранието, кога беше силувана редовната, нормална процедура за избор на претседател, кога беше силувана парламентарната демократија и правото на секој пратеник во Собранието да може да зборува, да дава предлог кандидат за претседател на Собранието, кога не се водеше ниту стенограм, ниту официјален записник од текот на расправата, бидејќи расправа не се водеше, кога по официјалното завршување на седницата, насилнички се продолжи седницата без за тоа да се разговара меѓу пратениците како демократски претставници, без да се констатира кворум, кој е присутен, кој гласаше за изборот, кој не итн., голем срам е за Македонија и за сите македонски граѓани сето ова да се аминува како нормално, и како демократско.

Талат Џафери сега може да биде само координатор на пратеничката група на ДУИ, но не може да се претставува дека е претседател на Собранието на РМ. Ако сака да биде избран за официјален претседател на Собранието, тој треба да инсистира на почитување на демократските процедури, тој треба да инсистира постапката да се заврши во нормален ред како што налагаат Уставот и прописите во земјата. Тој не може да почне, ниту да преземе никакво дејство, никаква активност во својство на претседател на Собранието сè додека одлуката за неговиот избор не биде донесена во нормална процедура со почитување на правните акти, и додека таа одлука не биде објавена во „Службен весник на РМ“ – вели професорката.

Таа објаснува дека без објавување на одлуката од редовниот (нормалниот) избор во „Службен весник“, Талат Џафери, не смее да презема ништо во службената кореспонденција, или во претставувањето во својство на претседател на Собранието, затоа што секое преземање на вакви чекори ќе значат негово лажно претставување, што е казниво дело согласно Кривичниот законик.

– Тој не може ниту официјално да го извести претседателот на државата, г. Иванов, и по службена линија да го бара од претседателот на Републиката мандатот за состав на Влада. Дописот што евентуално ќе го достави Талат Џафери до Иванов нема никакво значење бидејќи е упатен од неовластено лице, и како таков тој не предизвикува никаква правна сила – децидна е Каракамишева.     

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -