Градоначалникот на Град Скопје денеска при посетата на Пунктот и Прифатилиштето за бездомни лица во Момин Поток нагласи, дека ќе му предложи на Советот на Градот двата милиони денари предвидени за Новогодишната прослава да бидат наменети за проширување на капацитетот за сместување на бездомни лица во пунктот во Момин Поток.
Тој, денес заедно со претседателката на Советот Ирена Мишева им поделија хигиенски пакети, пакети со прехранбени производи и гумени чизми.
„На следната седница на Советот на Град Скопје ќе предложам средставата во износ од два милиони денари кои беа предвидени за Новогодишната прослава во градот да ги намениме за проширување на капацитетот за сместување на бездомни лица во пунктот во Момин Поток“, рече Трајановски.
Градот Скопје, посочи тој, во соработка со Црвениот крст на Град Скопје, континуирано го помага работењето на овој центар, а во 2011 година го отвори Прифатилиште за згрижување и привремено прифаќање на лицата бездомници кое овозможува засолниште, дневен престој со оброк, здравствена заштита, услови за одржување хигиена и други психосоцијални услуги. Бездомниците во овој центар добиваат хигиенски услуги, чисти алишта, берберски услуги, лекарски преглед и неопходни лекарства, разговор и совети од психолог и топол оброк. За набавка на сместувачки капацитети во 2011 година Градот Скопје издвои милион и 400 илјади денари и со отворањето на Прифатилиштето, капацитетите на постојниот Пункт на Црвен крст се зголемија за 60 квадратни метри. Просторот е опремен со 16 кревети, тоалети, кабина за туширање, чајна кујна и други неопходни средства за функционирање на Пунктот.
Градоначалникот Трајановски им се заблагодари на вработените и на волонтерите во Црвениот крст на Град Скопје за нивната посветоност во помагањето на бездомните лица за да им се подобрат условите на живот и за ангажирањето на едно нивно возило за превоз на бездомните лица до Пунктот.
Секретарот на Црвениот крст на Град Скопје, Сузана Тунева-Пауновска се заблагодари за поддршката на Градот Скопје со помош на која им го олеснуваат животот на бездомните лица.
Бездомниците може да го повикаат тимот од Пункот на телефонскиот број 3139 578 во Дирекцијата на Црвениот крст на град Скопје.
Вкупниот трошок за функционирање на пунктот на годишно ниво изнесува милион и седумстотитни илјади денари, од кои петстотини илјади ги обезбедува Град Скопје, а преостанатите се обезбедуваат од буџетот на Црвениот крст на град Скопје, како и од други донатори.