Во она за што сите се надеваат дека ќе стане позитивен тренд, Италија веќе втор ден по ред објави пад на бројот на починати од ковид-19. Сепак, бројот на заразени таму се искачи на над 60.000.
Бројот на починатите во земјата во моментов изнесува 6.078, соопштија вечерва здравствените власти. Дневниот број на смртни случаи се чини дека опаѓа – регистрирани се 602 нови смртни случаи, споредено со 651 во неделата и неверојатни 793 во саботата.
Вкупниот број на потврдени случаи во Италија се искачи на 63.927, што претставува зголемување за осум проценти од претходните 59.138.
Иако бројките се огромни, тоа е всушност најнискиот процентуален пораст регистриран во земјата од 21 февруари. Регионот Ломбардија останува жариште на вирусот во Италија: мнозинството починати и скоро половина од заразените во земјата се таму.
Извор: МКД.мк