fbpx
14 C
Skopje

Кејт Брнз: Новиот Закон за Јавното обвинителство е суштествен

АКТУЕЛНО

Соединетите Држави се силен поддржувач на аспирациите на С. Македонија да биде просперитетна, безбедна и инклузивна демократија, целосно интегрирана во НАТО, во ЕУ и во другите трансатлантски институции. Многу важен дел од тоа е силното безбедносно партнерство меѓу нашите две држави, изјави амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз за МИА по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата.

Амбасадорката додаде дека сега е време да се гледа напред, не назад – цврсто да се вгради нашата земја во евро-атлантските институции, да се зацврстат нејзините демократски институции, и да порасне економијата за подобар живот на сите граѓани, а особено за генерациите кои доаѓаат.

-Минатата недела во Лондон, бевме сведоци како С. Македонија првпат седи на масата покрај генералниот секретар на НАТО, опкружена со своите идни сојузници. На почетокот на 2020, очекуваме и официјално да ви посакаме добредојде како наш 30-ти сојузник во НАТО. Во последните неколку месеци, патувам низ земјата, зборувам со студенти и слушам директно од нив. Младите кои ги среќавам се фокусирани на градење на иднина која во предвид ги зема нивните грижи и очекувања за постоење на фер однос, можности и транспарентност, рече амбасадорката Брнз.

Таа додаде дека тоа што денес постои жива дискусија за корупцијата е возможно заради напредокот што е постигнат во промовирањето на транспарентноста и одговорноста – и гаранциите дека за разлика од минатото, злоупотребите не се ставаат под тепих.

Оваа транспарентност, истакна амбасадорката, претставува нето позитивна придобивка за земјата. Зголемената транспарентност значи дека луѓето знаат повеќе за внатрешните состојби на нивната влада и можат да бараат корегирање на активностите.

Состојбата со слободата на медиумите, како што додаде Брнз, е многу подобрена во однос на состојбата од пред само неколку години, односно денес медиумите можат слободно да известуваат и да ја повикуваат владата на одговорност, без страв од директна или индиректна одмазда.

-Државната комисија за спречување на корупцијата има преземано важни чекори за попроактивно да се бори против високата корупција низ целиот политички спектар. Владата има преземано чекори да го подобри јавното управување со финансиите и нивната транспарентност, на пример преку лансирање на новиот портал Отворени финансии, што секој може да го користи онлајн ако сака да ги следи трошењата на државата, појасни Брнз.

Но, и покрај подобрената клима, амбасадорката истакна дека корупцијата сеуште претставува проблем. Со толкав остварен прогрес и со толку високо платена цена за корупција, Северна Македонија, според Брнз, не смее да си дозволи враќање назад.

-Зошто корупцијата е толку скапа и штетна? Како прво, таа подгрева нестабилност со тоа што го поткопува доброто владеење и што дава простор на криминалните елементи да владеат. Ја уништува вербата во институциите. Нема ништо подеморализирачко и пообесхрабрувачко за било кој граѓанин од уверувањето дека системот е нечесен и дека луѓето кои се на позиција на моќ не подлежат на истите правила. Таа, исто така ги обесхрабрува бизнисите да инвестираат и ги одвраќа оние бизниси кои бараат правилата на играта да важат за сите подеднакво, истакна Брнз.

Таа додаде дека борбата против корупцијата е борба што бара решителност од сите елементи во општеството: од граѓанското општество, од медиумите, од приватниот сектор, од судството, од институциите на системот и секако, од јавноста.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -