fbpx
23.8 C
Skopje

Кекеновски: Да се оградеше Мицкоски од криминалците, немаше да биде во немилост

АКТУЕЛНО

Писмото на Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ до високиот американски дипломат Вес Мичел, во кое опозицискиот лидер отворено порачува дека Договорот со Грција е штетен за македонската нација и држава и дека, уставните промени предвидени со него нема да добијат поддршка од партијата во Собранието, покрена лавина од спротивставени реакции.

На социјалните мрежи буквално се води војна на ставови. Симпатизерите и членовите на ВМРО-ДПМНЕ го бодрат претседателот на опозициската партија и истураат пофалби дека Мицкоски, по ова писмо освен претседател на партија станал и водач на народот затоа што, како што велат коментарите, „гордо и достоинствено им кажал „не“ на тие што сакаат да нѐ прекрстат и да ни го згаснат уставното име“. Спротивно на ваквите фалби и поддршка, граѓаните коментираат и дека Мицкоски до даска ја закопал не само својата партија, туку и државата, а некои дури неговото обраќање до Мичел го споредуваат со реториката на Слободан Милошевиќ и предупредуваат дека таквата политика води кон пропаст на државата.

Професорот Јове Кекеновски за Плусинфо оценува дека последниот потег на Мицкоски е со голема фалинка и во однос на тајмингот кога е испратена пораката до американскиот дипломат и во споредба со сите претходни калкулации на лидерот, посебно во периодот пред референдумот.

– По однос на писмото на Мицкоски само можам да кажам дека редно беше да се каже нешто принципиелно и искрено. Но, сѐ ќе беше поинаку доколку сѐ до денот на референдумот не калкулираше и преговараше далеку од очите на јавноста, нечесно и премногу наивно, и доколку бојкотирачите за него не беа фекалии истурени во чиста вода – смета Кекеновски.

Во својата констатација за задоцнетата реакција на опозицискиот лидер, Кекеновски го вбројува и фактот што Мицкоски, досега не се обиде недвосмислено и јасно да се дистанцира од осомничените сопартијци во предметите на СЈО.

– Доколку навреме се оградеше од криминалците во сопствените редови и доколку партијата имаше дециден и јасен став по однос на референдумот денес ситуацијата ќе беше поинаква. Пристиснат од повеќе страни се обиде да глуми демократ, но долгорочно гледано се виде дека тоа е на штета на партијата и нејзиното единство. Да беше принципиелен и искрен од самиот почеток немаше сега да биде во немилост, кај меѓународната заедница, кај поголемиот број граѓани, но и кај сопственото членство – оценува професорот Кекеновски.

Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ пред изјавата на Кекеновски за Плусинфо излезе со став дека западните пријатели не смеат да ги обвинуваат граѓаните на Република Македонија за русофилство и дека најголем процент од граѓаните на Македонија се за влез во ЕУ и НАТО, но без уцени и омаловажување, а најмалку преку непринципиелно мешање во нашите внатрешни работи.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -