Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на денешниот онлајн-брифинг со новинарите истакна дека веќе е изработена и дека наскоро ќе биде официјално пуштена во употреба апликација за следење на лицата заразени со коронавирусот.
– Кога имаме зголемен број на заразени луѓе од коронавирусот, физички е тешко да се следат нивните контакти. Затоа се обидовме да развиеме апликација која ќе им овозможи информации на епидемиолозите, а истовремено ќе гарантира и безбедност на личните податоци. Апликацијата работи на начин за кој е потребно поголем број граѓани да ја симнат во своите мобилни телефони.
-Ние ќе водиме јавна кампања за тоа, и јас сум свесен дека ќе има портали кои од сето ова ќе направат контра-спин, но важно е да се објасни што значи оваа апликација и како се користи. Граѓаните своеволно ја симнуваат апликацијата и своеволно ги предаваат информациите на епидемиолозите.
-Ако граѓаните не ја симнат апликацијата, тогаш ние нема да имаме никаква корист од неа. Ова е слично решение како тоа во Сингапур кое дава добри резултати. Оние кои никогаш нема да се заразат од коронавирусот, тие никогаш нема да ги дадат своите податоци. Секако, постарите податоци од 14 дена автоматски се бришат – објасни Манчевски.