fbpx
23.8 C
Skopje

Лажните вести од Велес биле диригирани од „горе“

АКТУЕЛНО

Лажните вести од Велес сѐ уште ја интересираат светската јавност. Неодамна, француската новинарка, Мари Норман, се наврати на овој феномен во репортажа за Радио Франс Интернасионал (РФИ). Според неа, прашањето останува отворено и одговорите за тоа што точнo се случило во Велес пред американските избори не се убедливи.

Во разговор со МИА, новинарката вели дека нејзиниот впечаток е дека младите во Велес кои ги произведувале тие вести се само дното на пирамидата.

– Не поминав доволно време во Македонија за да го заокружам прашањето, но мислам дека операцијата беше организирана од многу повисоко, од странство, од лица или компании кои имаат силни врски со Македонија, посебно со Велес. Можеби семејни врски или комерцијални. Доколку врските беа со друг град, ќе се случеше ова таму. Тоа е мојот впечаток – вели Мари Норман.

За време на нејзината репортажа дошла во контакт со младо момче наречено Горан (не е неговото вистинско име), кој сведочел за тоа како ги произведувал, пишувал, наоѓал и објавувал вестите. Но, и во репортажата и во интервјуто за МИА, новинарката вели дека не била сосема убедена во неговите објаснувања.

– Дури Горан има дискурс кој е премногу добро подготвен за да биде целосно искрен. Наидов на повеќе контрадикции. Мислам дека навистина работел во таа средина, но дека е на дното на скалилото. Станува збор за пирамидален систем и треба да се стигне над Горан – вели таа.

Норман посочува дека многу врски во Велес остануваат неиспитани, меѓу другото и оние со македонската дијаспора во САД.

Во репортажата, Норман го интервјуирала и Џелал Незири, кој тврди дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ е поврзана со феноменот Велес. Според Норман, фокусот е премногу ставен на младите деца од Велес.

Незири тврди дека истражувањата на Скуп покажале инволвираност на ВМРО и дека тоа треба да се продлабочи.

– Ако навистина илјадници функционери се вмешани, провладини новинари од времето, мора да постои барем еден човек кој би можел да даде инфирмации, но треба да се престане со базирањето исклучиво на она што тие млади деца во Велес го раскажуваат. Тие се само последните карики од синџирот и се надевам дека и колегите во Македонија ќе отидат подалеку – вели тој.

Друга причина зашто таа не им верува многу на младите во Велес кои сведочат за пишување лажни вести е што повеќе пати, при подготовките на репортажата, одредени лица ѝ побарале пари за да сведочат, пракса која РФИ, како и многу други медиумски куќи во континентална Европа, ја одбиваат. Но, е многу распространета во САД и во Велика Британија. Главната причина што медиумите ја одбиваат таа пракса е тоа што постои ризик соговорникот, кога е платен, да го каже тоа што медиумот очекува да го слушне, на штета на вистината и информацијата, вели Мари Норман за МИА.

Горан во репортажата, исто така, тврди дека Фејсбук одиграл улога во ширењето на лажните вести преку финансиски поттик.

– Таа информација ми ја дава Горан, но Фејсбук не ми даде одговор. Горан тврди дека цената што се плаќа на Фејсбук за да се промовира содржината кај пошироката публика се намалила непосредно пред американските претседателски избори на 0,02 центи. Тоа значи дека лажните вести на Горан можеле да допрат до поширока публика за помала цена и дека повеќе луѓе му ги читале содржините. Според Горан, тоа значи дека Фејсбук од финансиски причини го охрабрил производството на лажни вести на поголема скала и профитирал од феноменот – објаснува Норман.

Но, новинарката досега не можела да ја провери оваа информација на младиот Горан.

Норман разговарала и со министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски.

Запрашан зошто не се регулира прашањето, Манчевски рекол дека со оглед на искуствата на медиумите со претходната власт, секој обид да се регулираат ќе биде многу негативно примен од фелата.

Манчевски рекол и дека е тешко да се дојде до правна разрешница за случајот затоа што сѐ било направено на легален начин.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -