fbpx
16 C
Skopje

Перев за Трибуна: Си најдов „бомби“ пред врата – над 200 политичари и пратеници имаат бугарски пасош

АКТУЕЛНО

Општо е познато дека над 110 илјади македонски граѓани имаат добиено бугарско државјанство, имаат и пасоши и поголемиот дел од нив веќе заминале во западните земји во потрага по подобар живот или пак стекнување на соодветно образование. Уште 25 илјади чекаат на ред, дали пред „Агенцијата за б’лгари в чужбина“, или веќе го очекуваат резултатот од проверката пред Министерството за правда на Р. Бугарија. Сите тие, каков што е редот, потпишале пред бугарските институции дека нивните предци биле „б’лгари“ и за тоа донеле и соодветен документ, најчесто некакво старо егзархиско крштелно или пак воена книшка на некој од своите, чувана којзнае каде, во некои темни ќошиња од нивните стари куќи. Исто така, сите тие, како што е редот потпишале и изјава дека се чувствуваат како „чисти б’лгари“, дека ќе се однесуваат коректно кон своето ново „отечество“ кое за возврат ќе им овозможи патна исправа, која за некои од нив е навистина пат кон светлата иднина. Дотука се е во ред.

Проблемот почнува околу грижата на совеста и стравот дека политиката во нивната „прва татковина“ може да им се одмазди на некаков начин. Тоа е така, затоа што многу политичари, новинари, јавни работници и работнички речиси секојдневно, дали преку медиумите или од парламентарната говорница, зборуваат за „предавниците“ кои заради подобар живот земаат бугарски пасоши и си заминуваат од земјава, говорејќи дека има и такви кои „не се предавници, ами нуждата ги натерала“ на таков чин. За мене, и тоа би било во ред, ако пред неколку недели не доживеав едно изненадување, за кое до денес не можам да кажам, дали е пријатно или крајно непријатно.

Имено, некоја непозната персона, пред мојата врата ми оставила еден прилично дебел пакет, насловен на моето име. Во ниеден момент не помислив дека некој сака да ми направи нешто лошо, на пример, бомба или отров, но кога го отворив, со еден летимичен преглед видов дека се работи за вистинска бомба, и тоа повеќе „бомби“. Уредно подготвена документација за македонски политичари и јавни личности кои барале бугарско државјанство; сите со имиња, презимиња и фотографии, со адреси во Бугарија и Македонија и многу други податоци. Повеќе од 200 политичари и пратеници имаат извадено бугарски пасоши, ги има од сите партии, а во незначителна предност во „предавството“ се оние од ВМРО ДПМНЕ, најгласните против Договорот со Бугарија. За новинарите веќе се срамам да проговорам, но морам да кажам дека точно изброив седум (7) сопственици на медии. Уредниците се безброј, но да кажеме дека на еден од уредниците, само на еден единствен уредник му е одбиено барањето за државјанство. Веројатно некој злонамерник го поткажал за нешто…

На претседателите на совети на општините низ Македонија, како и на членови на совети на општини бројката не се добројува, сите уредно се заведени, со уредно пријавено образование и професија.

Вчудувачки е голема бројката на македонски бизнисмени. Речиси да останале само минимален број во земјава кои немаат бугарски пасош. Еден од тајкуните заедно со својот брат, не само што поднеле барање и добиле пасош, туку и ја навел адресата на своите роднини во Неврокоп, денешен Гоце Делчев. Вели, биле во одлични односи со роднините. Точно, вели бугарската полиција во рачно напишаниот коментар.

Министри, заменици министри, помошници и државни секретари се впечатлива бројка. Кај нив има еден куриозитет. Ако немаат бугарски пасош, се наведува од која европска земја или од некоја друга во светот имаат пасош и каде се пријавени. Ете, тоа се вика ефективна соработка на полициите од Европската унија.

Од сите, највпечатлива е бројката на полицајци од македонското МВР и на офицери, подофицери и војници на АРМ. Сите се со неверојатна биографија и боев опит.

Од „бомбите“ може да се види како функционираат бугарските служби за безбедност. Повеќето од кадарот на АРМ и сите од полицијата поминале „разговор“ со надлежен бугарски службеник, поточно речено со припадник на бугарското разузнавање и контраразузнавање. Прифатиле и соработка со полицијата, а некои од поважните и поспособните потпишале и соодветна „Декларација за с’трудничество“ со надлежната бугарска служба. Утврден е и соодветен надоместок за услугите.

И тајкуните со многу пари не поминале подобро. Тие пак платиле некаква сума пари, обавиле разговор со банкарски службеник, најчесто директор на банка, па така, за сите нив бугарската полиција има податоци за нивните сметки во бугарските банки и движењето на парите… повремено и ги рекетираат преку бизнис-пријателите, на софистициран начин. Од тие пари се плаќаат сиромашните полицајци и офицери на АРМ кои прифатиле соработка… од наши, за наши!

Во своерачно напишаните изјави, некои од функционерите и бизнисмените велат дека не се плашат од македонските власти и дека Бугарија ќе ги заштити, а како „светол“ пример го наведуваат бившиот министер за здравство, Владо Димов, кого бугарскиот конзул во Полска го ослободи од потерницата, на самиот аеродром. Во поново време се наведува и случајот со Дејан Давидовски кого шведската полиција одби да го екстрадира бидејќи имал бугарски пасош, а делото „тероризам“ за нападот на Собранието на 27 април, шведскиот суд не го прифати.

Како што би рекле почитуваните Зоран Заев и Христијан Мицкоски, сето ова немаше да го знам, ако еден „добронамерен свиркач“ не ми го донесеше пред врата. Не знам за „добрите намери“ на доносителот, но замислен сум за добрите намери на оние од власта кои сакаат со сите сили да ги сочуваат македонскиот идентитет, нација и јазик. Ако се такви како што ги видов низ документите, подобро нека си заминат.

Автор: Владимир Перев, новинар (колумна за Трибуна) линк ОВДЕ

 

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -