fbpx
27.8 C
Skopje

Мицковски: Со зголемувањето на даноците СДС удира по џебот на граѓаните и има намера да ги избрка странските инвеститори

АКТУЕЛНО

Со зголемувањето на даноците СДС удира по џебот на граѓаните и има намера да ги избрка странските инвеститори, но исто така да влијае неповолно на домашните инвеститори. ВМРО-ДПМНЕ силно ќе се спротивставувa на планот на СДС да ја менува даночната политика, односно да ги зголеми даноците во Република Македонија, изјави денеска членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски.

Мицковски рече дека министерот Тевдовски со најавата дека ќе ги зголеми даноците врши силен негативен удар врз економијата во нашата држава, но и директно удира по џебот на граѓаните.

-Програмата на Владата предводена од СДС вели дека ќе се воведе персонален данок на доход со две променливи стапки од 10% и 18%. За волја на вистината СДС сакаат да го зголемат данокот за граѓаните и бизнис заедницата за цели 80%. Сакаме да предупредиме и да изразиме загриженост дека оваа анти-реформа при која ќе се зголемат даноците ќе ја врати Република Македонија 20 години наназад. Да потсетиме дека во минатото СДС и пред 2006-тата година имаа неуспешни обиди за зголемување на даноците со променлива стапки од 15%, 18% и 24%, кои се покажаа како кобни и ја втурнаа во пропаст македонската економија, рече Мицковски.

Зголемувањето на даноците, нагласи Мицковски, ќе значи сериозен удар врз приватниот сектор  без разлика на домашните и странските компании.

-Од оваа анти-реформа никој ништо не добива, а сите губат. Ќе се намали интересот за инвестирање во државата, ќе паднеме длабоко на дното на листата на Дуинг Бизнис, домашните компании ќе бидат неконкурентни поради зголемените трошоци па ќе бидат принудени да ги намалат инвестициите, а со тоа и бројот на ефективни работни места. Сето ова ќе резултира со енормно намален економски раст. Ќе се зголеми невработеноста и ќе има прекин на отворањето нови работни места, а најважно ќе царува даночната евазија и ќе се врати сивата економија како пред 2006тата, рече Мицковски.

Како држава, нагласи тој, ќе станеме неатрактивни за водење бизнис.

-Во моментов благодарение на отворените политики на Владата која беше предводена од страна на ВМРО-ДПМНЕ, Република Македонија има најниски даноци во светот, со ефективна даночна стапка од 7.4%. Во 2006-тата имајќи ја во предвид неуспешната и погубна даночна политика на високи даноци на СДС, ги намаливме даноците и воведовме единствена стапка од 10% персонален данок на доход и данок на добивка. Исклучително задоволни беа граѓаните но и бизнис заедницата бидејќи плаќањето даноци се поедностави во однос на пресметката и малите трошоци за фирмите . Граѓаните не очекуваат зголемени даноци граѓаните очекуваат реализирање на ветувањата кои СДС ги даде пред изборната кампања. Очекуваат 16 000 денари минимална плата, 30 000 денари просечна плата, да отворат нови 64 000 работни места, нови 500 км автопат, нови електроенергетски објекти, 100 000 денари плата за докторите и така натаму. Не очекуваат зголемување на даноците, изјави Мицковски.

Тој нагласи дека граѓаните од СДС очекуваат да го реализираат ветеното во периодот на предизборието.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -