Која иронија. Дојде ред албанската страна во Македонија да застанува зад македонско-бугарскиот спор и нивни луѓе да преговараат за тој спор. Прв во тој дел, кој е сосема коректен во своето однесување и позиционирање е Бујар Османи, човек на ДУИ и Али Ахмети. Човекот е принципиелен и коректен во тој процес.
Бугарската страна свесно или несвесно со нејзиното однесување направи чекор напред за македонско-српските односи, но и македонско-албанските односи. Србија ќе излезе херојот во очите на нашите сограѓани. Потегот на Вучиќ со вакцините не е случаен, и покрај тоа што истите ќе бидат платени. Неговите зборови, дека тоа е „братски“ и „пријателски“ чин, доволно зборуваат за тоа како Србија се поставува во целата оваа игра.
Бугарите пак со нивното вето, не само што забранија отварање на преговорите со македонците, туку и со албанците, србите, бугарите, бошњаците, и сите други националности кои живеат во оваа земја, а која за нив е дом. Со ветото тие не ја одземаа само нашата перспектива, туку и перспективата на сите наши сограѓани без разлика на нивната етничка, национална и верска припадност.
Зоран Заев е политички лик кој ја заложи својата лична политичка кариера во сето ова. Ваква радикалност, вакви храбри потези, вакви храбри изјави немал никој освен тој и Љубчо Георгиевски. Дури ни самиот Георгиевски не отиде толку далеку колку сегашната политичка гарнитура. Тоа за жал во бугарската перцепција за добрососедство и решавање на проблемите е малку и ништожно во споредба со она што тие го имаат замислено во нивните глави. Извинете, колку и да се некои историски факти непобитни, ние не можеме во 21 век да наметнуваме некому да избрише се само за да стане членка на унија која негува европски вредности. Ако европските вредности се непочитување на правото на самоопределување во 21 век тогаш нам дефинитивно не ни треба таква ЕУ.
Автор: Симеон М. Фејсбук