12 C
Skopje

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Најголемата претседателска трка на Трамп

Пишува: Дарко Тодоровски

Во ноќта помеѓу 2-ри и 3-ти јануари во близина на меѓународниот аеродром во Багдад, американски дронови извршија прецизни ракетни удари по возилата во кои што се наоѓаше Генералот на КСИР (Корпусот на Стражари на Исламската Револуција) Касам Сулејмани. Покрај него во нападот беа убиени уште 11 други граѓани на Иран и на Ирак. Меѓу убиените е и Абу Мехди ал-Мухандис, вториот човек на шиитското движење и милиции во Ирак. Меѓу убиените се и 5 офицери од разен ранг на КСИР, како и 5 припадници на шиитските движења и телохранители од Ирак. Сулејмани заедно со својата придружба слетал во Багдад од Дамаск во официјална посета околу 23:05 минути, каде што бил пречекан од Абу Мехди ал-Мухандис и од неговата придружба. За неговата посета знаел официјален Багдад како и Пентагон. Во 01:06 и во 01:07 минути американски дронови извршиле хируршки удари со GBU-12 Paveway II бомба и ласерски наведувана ракета JDAM по возилата во кои што се наоѓале Сулејмани со Мухандис и придружбата. Убиството на Сулејмани беше осудено од најголемиот дел светски лидери, исто и од претставниците на демократската партија на САД, кои што изјавија дека Трамп се впуштил во авантура и дека го втурнува САД во војна против Иран. Со неговото убиство започна Големата игра помеѓу САД и Иран, која што може да доведе до глобална криза и голема војна. Цената на нафтата скокна на светските берзи, и во случај на војна таа може да се искачи и над 100 долари за барел.

Зелено светло за нападот дал претседателот на САД Доналд Трамп, кој што потоа на Твитер имаше неколку објави, во една од нив твитна „Генералот Касам Сулејмани убиен во американска операција, беше вмешан во смрт на голем број демонстранти во Иран, како и убиени или ранети илјадници Американци со текот на времето и планираше да убие уште повеќе“ – Доналд Трамп. Во друга објава на Твитер тој твитна „Иран никогаш не победил во војна, но Иран никогаш не загубил преговори“ – Доналд Трамп. На ударите им претходеа неколкудневни антиамерикански демонстрации во Багдад пред американската амбасада, за кои што Пентагон изјави дека зад тие немири стои Сулејмани. На почетокот на 2019 година САД ја признаа КСИР за терористичка организација, и изјавија дека со сите средства ќе се борат против неа.

Според аналитичарите ширум светот, со убиството на Сулејмани, Трамп се впушта во опасна авантура, која што може да предизвика голема војна на Блискиот Исток. Според нив, за САД не важат никакви правила и договори. Тие исто така изјавуваат дека овој чин е дел од претседателската кампања на Трамп кој што треба да му обезбеди убедлива победа на изборите. Некој ирански дипломат Амир Мусави тврди дека Вашингтон испратил „арапски“ претставник во Техеран со предлог да се укине режимот на санкции и да се обезбеди економска помош за Иран, а за возврат Иран да се откаже од одмазда за убиството на Касем Сулејмани. САД и европските држави ги повикаа своите граѓани итно да го напуштат Ирак, и веќе се спроведува итна евакуација преку Басра.

Иранскиот претседател Хасан Рухани во својот официјален твитер твитна: “Знамето на генералот Сулејмани во одбрана на територијалниот интегритет на земјата, борбата против тероризмот и екстремизмот во регионот ќе се подигне, а патот на американскиот отпор ќе продолжи. Големиот народ на Иран ќе се одмазди на овој грозоморен злосторство”.

Иранскиот Национален совет за безбедност објави дека се разговарало за она што се случило и веќе се донесени потребните одлуки. Раководството на КСИР им постави ултиматум на Соединетите држави, барајќи неговите окупаторски сили да бидат повлечени од целиот Блиски исток, заканувајќи им се на животите на американските војници.

„Вршителот на должноста премиер на Ирак, Адел Абдел Махди, го смета воздушниот напад на аеродромот во Багдад, во кој загина заменик-шефот на ирачката шиитска милиција, Абу Махди ал-Мухандис, како акт на агресија против неговата земја“.

Армиите на Иран, САД, Израел и Ирак се ставени во зголемена борбена готовност. Ширум Блискиот Исток се мобилизираат и шиитските движења и милиции, кои повикаа на објавување на војна против САД. Во Ирак, верските водачи на Шиитите, Моктада Ал Садр, Систани и други повикаа на мобилизирање на шиитските милиции, возобновување на армијата на Махди која што војуваше против САД за време на окупацијата на САД на Ирак. Веќе се мобилизирани преку 100 000 резервисти на шиитските милиции кои што чекаат наредби. САД додатно стационира воени сили и техника во регионот на Блискиот Исток, пред се во Ирак, Јордан и Кувајт. САД разместуваат додатни ПВО системи Патриот кои што треба да помогнат во одбивањето на евентуалниот ракетен удар од страна на Иран по цели на САД ширум Блискиот Исток.

Најголемиот број од политичките партии во Ирак повикаа на истерувње на американските војници од Ирак, затворање на американските воени бази. Во Ирачкиот парламент е поднесен закон за повлекување на американските војници од Ирак и затворање на американските воени бази. Тие повикаа и на итни дипломатски и правни мерки како одговор на атентатот на Сулејмани.

Иран може да одговри на убиството на Сујелмани со симетрични и асиметрични. Во симетрични одговори спаѓаат, директни воени акции од страна на иранските воени сили и на КСИР против цели на САД ширум Блискиот Исток, удари со балистички ракети, дронови по воени бази на САД, напади на танкери во Ормускиот залив. Во асиметричните одговори спаѓаат, напади врз цели на САД ширум Блискиот Исток без официјално користење на иранската армија и КСИР. Тоа подразбира напади на шиитските милиции ширум Блискиот Исток врз цели на САД, договор со движењето на Талибанците и доставка на модерни вооружени системи кои што ќе им помогнат во војната против САД, хакерски напади врз инфраструктурата на САД.

Нападот на официјално лице на друга држава и негова елеминација на територија на трета предизвика шок и неверување ширум светот. Овој напад може да предизвика опасен преседан што може да доведе до сериозни негативни последици за целиот меѓународен систем на безбедност. Светот се судри со нова реалност. Новата реалност е уништување на претставник на влада на суверена држава, службено лице, без корелација на убиството со каква било правна основа. Оваа околност ја трансформира ситуацијата во „сосема друг правец“. Убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани ќе доведе до ескалација на конфликтот во регионот, што првенствено ќе влијае на милиони луѓе во овие земји и регионот.

Latest Posts

АКТУЕЛНО

Stay in touch

To be updated with all the latest news, offers and special announcements.