fbpx
6 C
Skopje

Нашиот свет да го направиме недостапен за нив

АКТУЕЛНО

Колумна на НиколаТасев за Скопско Ехо.

„Нема да гласам!“… Не знам за кого?“… „Зоки да си оди, Мицко да не дојде!“… коментираат мнозинството од македонските граѓани. И анкетите го покажуваат тоа: Над 50 отсто од граѓаните нема да гласаат, не знаат за кого или не сакаат да кажат. Истражувањето, можеби е наштимано во соодносот на „вечните“ СДСМ и ВМРО, но верувам во точноста на бројките за „останатите – обичните смртници“. А за чудо – тоа мнозинство не одлучува! Е јас сум со нив – со „обичните“, со „небитните“, јас сум со мнозинството. Со граѓанинот! Со тој, кој најавува дека на следните избори широко ќе ги отвори очите, кому треба да каже ДА, а кому НЕ!

Дали уште ќе се интересни „вечните“, оние кои 20 години не можеш да ги најдеш, нешто да ги прашаш, да се пожалиш, да ги пофалиш… оние кои постојано се зафатени, времето им е скапо, постојано некаде брзаат да стигнат… За каде? За да ја однесат државата кон дното, а народот кон безизлезност!

А кога доаѓаат избори, тие-таквите ќе те најдат. Ќе ти дојдат дома, на работа, на улица… Ќе ти дадат запалка, тефтерче, пенкалце… Ако си добар ќе добиеш и маичка со фацата на воспеаниот лидер. Нивните ликови ќе се кезат од билборди, бандери, ѕидови… на секое место каде што можат да се намонтираат нивните глави. Вистинска парада на вештачки и лажни насмевки на неуспешни и професионално неостварени луѓе, единствено докажани како ликови од минатото – способни да уништуваат јавни добра и ресурси.

Е, за таква понуда не сакам да гласам! Ни треба нешто ново! Не сакам да им дадам легитимитет на збирштината лешинари, кај кои се е познато однапред. Не е битно дали ќе победи ВМРО или СДСМ кога се е исто. Сум гласал на речиси сите претходни избори, некогаш за едните, некогаш за другите. Сум им ја давал мојата довербата, но тие кон мене, кон народот, кон државата не ја оправдаа! Сум убедувал луѓе со аргументи зашто треба да се гласа, но, со овој изборен систем и со оваа досегашна понуда, аргументи веќе ни за себе немам.

„Лошите политичари се бирани од добрите луѓе што не гласаат“ – ја имам предвид и оваа мудрост, но со постојниот неправеден изборен систем, без демократско и рамномерно вреднување на секој глас, без истакнување на поединецот над партијата преку отворени изборни листи, можноста нешто да се смени е минимална.

Нови лица, реална понуда, искрена насмевка, променет изборен систем е решението. Во спротивно ќе ги имаме истите поранешни и досегашни функционери, медиумски и лидерски галеничиња, кои пак ќе не лажат дека сега е „она вистинското“ и повторно по добиениот глас ќе се затворат во својот свет во кој светите зборови се: провизија, уцена, рекет, приватни бизниси, која ја шиша државата и народот.

За таква понуда – НЕ, не сакам да гласам! И не само јас – туку и мнозинството од граѓаните!

Да не им го дадеме нашиот свет, нека гравитираат како месечината околу земјата, нека вртат кругови, но никогаш да не ни се доближат. Нашиот глас против нив, нека ги катапултира далеку, за да не ја загадуваат државата.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -