fbpx
10 C
Skopje

Не ми се работи како келнерка повеќе, но немам друг избор: Се изживуваат со нас а земаме мизерни дневници

АКТУЕЛНО

Замислете да живеете на место кое е оддалечено барем 10 минути со кола од градот, а немате автомобил а морате да патувате со цел да работите во истиот град. Секое утро почнувајќи од 8 часот за прва смена, или секое попладне почнувајќи од 16:00 за втора смена. Работите како келнер во кафуле во кое газдите ве третираат како да сте нивни робови, а не работници, како нивни потрчковци а не вработени, како некој кој треба да биде и келнер и хостеса, како некој кој треба да биде и маркетинг агенција за истото кафуле, како некој кој треба да се грижи и за тоа дали ВЦ во кафулето е чисто итн итн

Тоа ми се случува мене. Секое утро патувам со комбе, со такси или со соседите кои одат исто така на работа во градот со цел да го започнам мојот работен ден. И тука почнува денот. Убавото во оваа работа е што навистина стекнувате нови и нови пријатели, имате широк круг на луѓе со кои можете да комуницирате и да се дружите. Убаво е што имате прекрасни колеги кои за жал го доживуваат истото она што и вие го доживувате кога ќе стане збор за односот газда – вработен или газда – роб по нивно.

Утрото го започнуваме со чистење на масите, фаќање метла и чистење таму каде што сметаме дека е потребно да се фати уште еднаш бидејќи претходно не е исчистено баш најдобро од оние кои требале да го средат тоа, потоа продолжуваме со чистење на шанк помагаме таму кај што можеме и ги очекуваме нашите први гости.

Попладне доаѓа газдата кој порачува кафе и сокче и почнува со неговите прашања, совети и критики. Од тоа дека кафињата не чинат, од тоа дека нашиот однос спрема гостите мора да се подобри, од тоа дека прометот е мал и слично а потоа и доаѓа и делот во кој ни дава совети како тоа ние треба да го промовираме неговото кафуле во кое ние сме келнери на нашите инстаграм и фејсбук профили, како требало да споделуваме слики од коктели, кафе промоции и слично со цел да привлечеме повеќе гости во кафулето. И сето тоа екстра. Од љубов кон нашата работа и од љубов кон поголемиот промет што треба да го има кафулето. Но нигде не станува збор за поголема плата, или за тоа како ние како вработени сме задоволни од неговиот однос, од дневницата која ја имаме и дали таа е доволна за работата што ја вршиме.

И тука не застанува: Кога ќе предложиме дека постојат опции како што е промоција на одредена социјална мрежа, а која не чини воопшто скапо тој почнува со навредите и со лекциите дека ние не смееме да го учиме него како се води едно кафуле бидејќи тој е газдата а ние сме вработените кои според него не разбираат ништо.

Од друга страна земаме мизерни дневници со кои едвај преживуваме. 500 денари дневница, од кои мораме да издовиме за сендвич, бурек или било што за да каснеме дури сме на работа. Да не збориме за тоа дека постојат луѓе кои се пушачи, што значи дека од дневница ќе им останат само 50 % односно 250 денари. Ако е човек кој живее подалеку од градот како мене и нема автомобил или ќе мора да бара такси или пак ќе мора да наоѓа некое друго решение за да може да стигне до својот дом.

Затоа едвај чекам да заминам од оваа мизерна држава во која ние обичните работници сме помножени со 0. Овде никој не го цени работникот, напротив колку повеќе си добар толку повеќе ќе страдаш. Да помине коронакризата и бегам од државава поради такви луѓе

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -