Српскиот претседател Томислав Николиќ изјавил дека е подготвен да се повлече од претседателската функција доколку Србија, во случај на убивања на Срби на Косово, „го премолчи тоа“, пренесуваат српските медиуми.
Реакциите на европските претставници на неговите изјави дека Србија е подготвена да испрати војска на Косово, српскиот претседател ги окарактеризирал како „измама“. „ЕУ требаше да реагира кога пругата беше минирана и кога не беше дозволено да помине српскиот воз. Ако Јоханес Хан вели дека јас не гледам иднината и дека иднината на Србија е независно Косово, тогаш нема за што да разговараме. Тогаш тој е измамник и тоа што ЕУ го прави е измама“, потенцирал Николиќ.
Николиќ порачал дека Србија ќе ги одбрани Србите на Косово и дека за ова постои целосна согласност на владата и претседателот. „Тоа што реков дека ќе испратиме војска се заклучоци на Советот за национална безбедност“, рекол тој. Запрашан околу тоа дали ова има врска со претстојните претседателски избори во земјата, Николиќ додал дека „не го конструирал тоа бидејќи се уште не е нити кандидат за тие избори“. „За ова говорам како претседател на Србија, а не како кандидат и се грижам за животите на Србите на Косово но и насекаде, и не ми е до рејтингот“, заклучил српскиот претседател