Заменик претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, вчеравечер на работна средба со дел од инспекторите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) разговарал за активностите на инспекторите во изминатите девет месеци, а повразани со контролите на терен што ги спроведуваат за почитување на здравствените протоколи и материјалните закони.
Вицепремиерот Николовски посочил дека сите инспекциските служби се важен контролен механизам за правилно спроведување на секоја уредба, одлука, протокол и мерка, што се преземаат за спречување на ширење на коронавирусот.
Законот мора да важи за сите. Правилата, протоколите и мерките мора сите да ги почитуваме, а инспекторите се таа нераскинлива алка којашто обезбедува редот да владее секаде во општеството. Ги охрабрувам сите инспектори да постапуваат во делот на спроведување на протоколите, затоа што наша највисока цел во овие тешки моменти е да го заштитиме здравјето на сите граѓани. Затоа мора сите да се однесуваме одговорно, да ги почитуваме мерките и протоколите, да направиме се што е во наша можност, и на тој начин да се заблагодариме и на здравствените работници, и на инспекторите, на полицијата, на армијата и на сите служби коишто деноноќно се ангажирани за полесно да ја пребродиме оваа здравствена криза, изјавил вицепремиерот Николовски, соопштија денеска од неговиот кабинет