Рочиштето во кое Панче Ангеловски е обвинет за насилство врз министерката за одбрана Радмила Шекеринска и премиерот Зоран Заев е одложено на барање на Драган Пешевски, адвокат на Ангеловски. Пешевски рече дека на денешното рочиште, прв пат го сретнал обвинетиот и затоа побара судот да му остави можност да го посоветува околу случајот.
Се уште не можам да сфатам кои биле мотивите на овој обвинет да ги презеде дејствијата што ги презел. Исто така, морам на судот да му кажам дека откако по службена должност сум избран како бранител на обвинетиот, досега не сум имал можност да стапам во контакт со него затоа што тој нема ниту фиксен ниту мобилен телефон за комуникација. Обвинетиот е правно неук човек и сметам дека пред искажувањето за вина, судот треба да ми даде одредено време да го советувам со правно мислење“, рече Пешевски.
Пред одложувањето на рочиштето пред судот се обрати обвинителката Наташа Гаџоска, која рече дека насилниците кога влегле во прес- салата во Собранието, фрлале по пратениците со се што ќе им се најде пред очи, столици, шишиња и стативи.
Обвинетиот Панче бил дел од првата група луѓе кои влегле во Собранието. Се движел низ ходниците и потоа со оние најсилните влегол во прес-салата. Тој прво насилството го насочил кон Зоран Заев, а потоа кон Радмила Шеќеринска. Двајцата се здобиле со тешки телесни повреди. Судот од доказите кои ќе ги презентираме и од исказите на сведоците ќе има можност да создаде реална слика за тоа што се случувало во судот. Обвинителството верува дека ќе донесе осудителна пресуда“, рече обвинителката.
Филип Медарски, адвокатот на оштетените Заев и Шекеринска рече дека ќе побараат отштета, но видот и висината ќе се утврди во текот на постапката.
Мора да одговараат и нарачателите-организаторите и оние кои на дело го спроведоа насилството. Мислам дека сите оние насилници кои беа платени и изманипулирани да убијат, да повредат мора да сфатат дека некој ги втурна во извршување на кривично дело. Овие настани покажаа колку е тенка линијата помеѓу мир и нестабилност – конфликт и затоа одговорноста за овие настини мора да оди и за насилниците и за оние кои го организираа ова. На 27 април сите ние бевме повредени, но најголемата повреда и беше направена на Македонија и некој мора да понесе одговорност за тоа. Јас се надевам дека со овие судски постапки ќе се дојде до вистината и ќе се дознае кои беа оние кои беа искористени и платени, а кои беа оние кои стоеја во позадината на се ова. Од овие случаи мора да испратиме порака дека насилството не се исплати и дека тоа мора да запре“, рече Шекеринска.
Таа рече дека одговорноста е многу поголема кај оние кои го организираа настанот и ги организираа сите луѓе, кои им овозможија и дозволија да влезат во собранието, отколку кон оние кои удрија по пратениците и новинарите.
Извор: Нова ТВ