fbpx
11.8 C
Skopje

Петар Колев: Нема правда нема мир или веќе заборавивте почитувани?!“

АКТУЕЛНО

Претседателот на партијата Граѓанско демократска унија-ГДУ, Петар Колев коментирајќи го високото ниво на корупција во земјава и неефективноста на Државната комисија за спречување на корупција, преку својата официјална facebook страна ја запраша јавноста дали заборавила на паролата од времето кога се протестираше за промени. Ви го пренесуваме во целост ставот на Колев.

„Македонија е во друштво со најкорумпираните земји во светот. Корупцијата ја има во сите области, а „борбата“ е безнадежна.
Земјава со месеци има нефункционална Државна комисија за спречување на корупција, а и кога работеше во полн состав, наместо да се бори против корупцијата и криминалот, ги штитеше. Во секој Извештај од Европската Комисија, вклучувајќи го и последниот ни се укажува дека имаме сериозен проблем. И така си тераме мижејќи и тонејќи во мизерната реалност. Требаше свиркачите да свирнат дека антикорупционерите ја одрале државата со екстра трошоци за пат, станови и дневници, за да почне да се споменува прашањето за реформирање на ова тело.
Но кој ќе го реформира телото?
Оние, претставницине од извршната власт кои за тоа дискутираат на иста маса со советничката за правни прашања на екс премирот Груевски за кој истите велат дека е синоним за корупција?! Мислам на Розета Трајан која сега е секретар на комисијата која треба да се бори со корупцијата, а освен огромниот капацитет на дамата во комисијата има уште и два други члена. Можеби она што г-ѓа Трајан го има како стекнато искуство советувајќи го Груевски точно во сферата на корупцијата е доволно сама да се пребори со истата, што ќе ни се и тие други двајца членови? Каква иронија само нели?
Оние кои за предвремените парламентарни избори во декември 2016 година ветија дека во првите шест месеци ќе предложат „нов формат за вистинска Антикорупциска комисија, со пристап до сите институции и информации, со силен мандат и независен состав, а нема ништо од ветувањето и после една година владеење?
Многу причини за сомнеж дека можеме вистински да се бориме со криминалот и корупцијата.
Рацете на политичарите треба да бидат подалеку од ова тело!
За поголема ефикасност на Државната комисија за спречување на корупцијата се согласуваме дека е потребна промена на актуелниот модел на нејзиното функционирање, но тука мора да бидат вклучени и најновите меѓународни инструменти и законски измени во однос на нејзината независност, оперативност, а пред се интегритетот на членовите. Во Антикорупциска треба да влезат вистински професионалци и ниту еден не смее да биде партиски определен или на било каков начин да се поврзува со одредена политичка структура.
Нема правда нема мир или веќе заборавивте почитувани?!“

 

 

Македонија е во друштво со најкорумпираните земји во светот. Корупцијата ја има во сите области, а „борбата“ е …

Posted by Petar Kolev on Saturday, June 9, 2018

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -