fbpx
28.8 C
Skopje

ПOГЛЕД.МК ИНТЕРВЈУ СО ЛИЦЕНЦИРАН ПСИXOЛОГ НАТАША МИТРОВСКА: Koи се последиците по менталното здравје кај младите луѓе кои се одвоени од „нормалното секојдневие“?

АКТУЕЛНО

Разговараме со лиценциран психолог, тренер за личен развој и автор на повеќе книги Наташа Митровска

ПОГЛЕД.МК Кои се последиците по менталното здравје на младите луѓе кои се одвоени односно изолирани од „нормалното секојдневие“ од своите
врсници?

Неможноста за дружење и социјализација на младите на начинот на кој претходно тоа го правеле, а што принудно се случува последнава година и пол откако се појави коронавирусот, секако дека доста влијае на нивниот живот и нивниот понатамошен развој, односно на самиот процес на созревање. Во борбата за зачувување на физичкото здравје неоправдано често го занемаруваме менталното здравје, кое со пандемијата на ковид 19 е доведено под голем ризик кај сите, но особено кај младата популација. Возрасните и постарите, на пример, заради своето претходно искуство, можат многу полесно да гледаат на овој кризен период во своите животи како нешто што е минливо, што наскоро ќе се заврши и работите повторно ќе се вратат во некоја нормала (без разлика дали тоа ќе биде старата или некоја „нова нормала“). За децата и младите, пак, како што знаеме, секогаш е најважно она што се случува сега и овде, па затоа наметнатата изолација и физичката одвоеност од своите врсници за нив значи лишување од некои основни потреби, како што е природната потреба за социјализација – дружење, излегување, физички активности и сл. Стресот и фрустрациите од овие лишувања често доведуваат до анксиозност, депресија, зголемена агресивност во семејството или меѓу врсниците, неретко и до панични напади, особено кај оние кои и пред пандемијата се соочувале со анксиозност во помала или поголема мера. Депривацијата (лишеноста) од близок физички контакт во содејство со стравовите предизвикани од пандемијата (страв од непознатото, страв од иднината, страв за сопственото здравје и здравјето на најблиските, соочување со загуба на блиска личност итн.) е фактор број 1 кој придонесува за зголемување на стресот и анксиозноста кај младите во ова време на пандемија. Тие често се чувствуваат како животот да им е ставен „на чекање“, а истовремено е сосема неизвесно кога и како ќе продолжи, дотолку повеќе што изменетите услови на живеење траат веќе подолго време.

ПОГЛЕД.МК: Како да ги избегнеме стресот и анксиозноста за која толку многу се говори во ова време-невреме?

Постојат повеќе начини како да ги избегнеме или намалиме стресот и анксиозноста во време на пандемија. Секако, најдобро е првин да и погледнеме во очи на реалноста и да видиме со што точно сме соочени. Значи, прво и основно, физички да се заштитиме, а тоа подразбира почитување на сите превентивни заштитни мерки, одговорно однесување, навремено и точно информирање, со еден збор, создавање на еден вид „безбедна зона“ околу себе и своите најблиски. Третиот бран од пандемијата, кој веќе полека стивнува, ја намали старосната граница на тешки клинички слики и морталитет, што дополнително го зголеми стресот кај младата популација, бидејќи се покажа дека и тие можат да бидат ранливи на вирусот, а не само постарите. Многу млади се соочија со неочекувана загуба на близок член од семејството. Во вакви случаи, како и при зголемена анксиозност (со или без панични напади) или симптоми на депресија, неопходно е да се побара психолошка помош. Тоа е и најсигурниот начин да се ослободиме од стресот и да ја победиме анксиозноста или депресијата. Но постојат и работи што можете сами да ги правите за да си помогнете, доколку од разни причини не сте во можност да посетувате психолог, или ако не чувствувате некои поголеми симптоми. Ја знаете ли онаа изрека – кога животот ќе ти даде лимони, ти направи лимонада  ? Ајде да видиме кои се „лимоните“ што ни ги донесе животот со оваа пандемија? Еве ќе ги наброиме најважните – физичка дистанца (изолација) од другите, осаменост, откажување од некои омилени слободни активности (излегувања, забави, концерти, настани, одење во теретана итн.), неможност да се патува итн. Поентата е следна: наместо да се фокусираме на тоа што ни недостига и што во моментов го немаме, свесно да го пренасочиме фокусот на она што го имаме и што можеме да го правиме во моментов. А тоа би значело, на пример, ако веќе мораме да бидеме во физичка изолација, тогаш да ги користиме повеќе другите начини на комуникација. Користете ги телефоните и социјалните мрежи. Јавувајте им се почесто на своите пријатели, другари, роднини, прашајте ги како се и што им се случува. Не дозволувајте да се отуѓите од нив заради пандемијата! Таа наскоро ќе заврши, а вие ќе треба да продолжите со дружењето таму каде што застанавте. Потоа, наместо да бидете осамени и фрустрирани затоа што мора да седите дома, смислете некоја друга активност која ќе ви биде од корист или ќе направи да се чувствувате подобро: читајте книги за кои порано сте немале време, вежбајте дома, средете си ја собата или станот, завршете некој курс што ќе ви користи утре, променете некоја лоша навика во добра. Свртете се малку повеќе кон самите себе – тоа е она најочигледното што пандемијата го бара од нас. Да пронајдеме нови, поконструктивни начини на користење на времето, како индивидуално, така и колективно. Запознајте се подобро себеси, своите желби, потреби, цели. Така полесно ќе ги разберете и другите. Развивајте ја љубовта кон себеси. Така ќе развиете поголема емпатија, сочувство, разбирање и љубов кон другите. Токму тоа се лекциите што ни ги носи пандемијата со ковид 19 – да ги пронајдеме вистинските работи што не прават среќни, вистинските вредности во животот кои не поврзуваат со другите, наместо да не отуѓуваат меѓусебно како досега. Па да можеме потоа заеднички да го претвориме овој свет во многу поубаво место за живеење.

ПОГЛЕД:МК: Зошто изолацијата им паѓа потешко на поединци? Кои вештини од луѓето бара оваа ситуација со коронавирусот за да полесно ја пребродат изолацијата?

Во мојата секојдневна работа како психолог изминатава година и пол отакко трае пандемијата забележувам дека интровертните и екстровертните поединци различно се справуваат со изолацијата. Очекувано, интровертите се тие кои полесно ја поднесуваат самотијата, намалениот обем на активности и дружење, па дури и стравовите со кои неретко секој од нас се соочува во оваа криза. Зошто? Затоа што тие се многу повеќе навикнати да бидат сами и да ги бараат одговорите на животните предизвици во себе, наместо надвор од себе. Тие, исто така, подобро се познаваат себеси и своите чувства, па нивната благосостојба помалку зависи од надворешната околина и другите луѓе отколку што е тоа случај кај екстровертните. Дури напротив, интровертите ги исцрпуваат многуте контакти со различни луѓе во тек на денот, додека кај екстровертите е обратно – тие се „хранат“ со таквите дружби и контакти. Има случаи кај млади луѓе, па и постари кои имаат социјална анксиозност, на пример, кои признаваат дека ваквата состојба на изолација дури им одговара, затоа што „сега сите седат по дома, а не само јас“, што значи дека еве конечно, за промена, не се разликуваат од останатите.

Од сето ова може да се види и кои вештини се главно потребни за луѓето полесно да ја пребродат изолацијата. Тука спаѓаат: подобро себепознавање, познавање и успешно справување со сопствените чувства и чувствата на другите (емоционална интелигенција), интроспективни вештини, самомотивација, повисок праг на толеранција на фрустрации, поголема самодисциплина и контрола на емоциите, способност за одложување на задоволството (што е можеби една од најпотребните вештини во услови на пандемија и веројатно најсигурниот знак за емотивна зрелост) и други. Сите тие се вештини кои можат да се научат или доусовршат, најчесто со помош на психолог или тренер за личен развој, како и преку читање книги, вебинари и работилници на теми од емоционална интелигенција, мотивација и личен развој.

ПОГЛЕД:МК: Како некој да знае дека му е потребна помош од психолог?

Многу едноставно. Кога ќе се разболите, одите на лекар. Кога ве боли заб, одите на заболекар Кога имате психолошки проблем, одите на психолог. Значи, проблемите од психолошка и емотивна природа ги решавате со помош на психолог. И, исто како што знаете кога треба да отидете на заболекар или на лекар, така ќе знаете и кога треба да отидете на психолог. Не треба да чекате и да дозволите проблемот да стане поголем и да се одрази негативно врз целокупното ваше физичко или ментално здравје. Навремената психолошка помош ќе ги превенира можните последици од неадресиран психолошки проблем или состојба. Премногу долго одењето на психолог беше табу-тема во нашето општество. За среќа, нештата почнаа да се менуваат во позитивен правец последниве години, така што денес, особено младите луѓе, многу поспремно бараат психолошка помош и поддршка кога им е потребна. За време на пандемијата со коронавирусот свесноста за потребата од психолошки третман драстично се зголеми. Преку работата со психологот вие не само што го решавате актуелниот проблем, туку работите на себе и својот развој и притоа имате можност да развиете вештини и способности кај себе кои ќе ви помогнат при соочување со каков било проблем од слична природа во иднина.

ПОГЛЕД.МК: Што е страв, а што паника?

И стравот и паниката можат да бидат составни делови од анксиозноста, но не секогаш се присутни двете. Чувството на страв се јавува кога нешто перцепираме како опасно или загрозувачко по нас. И тоа е нормална човечка реакција. Нема човек што нема почувствувано страв барем некогаш во животот. Таа проценка дека постои опасност и дека сме загрозени не мора секогаш да е реална, но доволно е да веруваме во неа за да го почувствуваме стравот. Паниката, пак, претставува повисока октава на стравот или интензивен страв. Сепак, овие две чувства не се идентични, односно паниката содржи една компонента плус, а тоа е чувството на беспомошност, чувство дека не можете да направите ништо за да се спасите од опасната ситуација. Чувство на немоќ. Иако сите повремено чувствуваме страв, не секој е склон кон паника, па дури ни во реално опасни ситуации. Значи, главната разлика меѓустравот и паниката е што кај паниката постои тоа чувство на немоќ да се справите со опасноста (реална или не). Токму затоа, при вакви состојби е клучна стручната психолошка помош, која ќе ви помогне да си ја вратите
контролата врз сопствените емоции и реакции и да развиете успешни стратегии за надминување на стравот и паниката.

ПОГЛЕД:МК: Што ги советувате луѓето кои работат од своите домови во услови на
изолација?

Како што споменав погоре, се покажа дека интровертните личности полесно ја прифаќаат изолацијата што ни ја донесе пандемијата, па дури наоѓаат и доста предности во работењето од дома. Додека, пак, екстровертните општо потешко ја поднесуваат самотијата и социјалната изолација, па со тоа и работењето од дома. Особено е тешко за луѓето кои живеат сами. Некои скорешни студии укажуваат на тоа дека како најпродуктивен модел на работење во ова време на пандемија се покажува комбинацијата на работа од дома и работа со физичко присуство. Така што, мој совет до сите кои работат од дома е свесно и намерно да одвојуваат дел од слободното време и за физичка, а не само виртуелна интеракција, без разлика дали тоа ќе бидат членови на семејството или пријатели или колеги од работа (доколку повремено одат на работа). Се разбира, запазувајќи ги притоа сите мерки и протоколи за заштита од вирусот. Социјалните мрежи ни се лесно достапни и треба да ги користиме, се разбира, но физичкиот контакт е незаменлив за да одржиме добро ментално здравје. Не запоставувајте ја и физичката активност, исто така. Покрај индивидуалните, заедничките физички активности со други луѓе на отворено се убава можност и за дружење. Практикувајте го тоа што почесто. Не дозволувајте удобноста на работењето од дома да стане ваша нова комфорна зона од која потоа тешко ќе излезете. Ова особено важи за интровертните личности, но и за оние што се анксиозни. Изолацијата знае да биде удобна, често и потребна, но ние сме сепак социјални суштества и мораме да го пронајдеме балансот помеѓу потребата да бидеме сами и потребата да одржуваме блиски односи со другите. И секако, доколку имате тешкотии да го одржувате тој баланс, побарајте психолог кој ќе ви помогне во тоа.

ПОГЛЕД:МК: Дали сега, за разлика од порано, младите полесно се одлучуваат да пристапат до психолог за да поразговараат за своите проблеми? Кога имавте повеќе работа – сега или пред почетокот на пандемијата?

Да, ова е позитивна промена во секој случај. Таа тенденција беше започната уште пред пандемијата, но сега е уште поистакната и добро е што е така, бидејќи во вакви околности реалната потреба од психолошка помош кај младите е и тоа како зголемена. Мислам дека консултирањето психолог станува се понормално и повообичаено, како што и треба да биде, со што и ние конечно се приближуваме кон развиените земји во кои веќе одамна е така. Јас и моите колеги дефинитивно сме пребукирани во целиот овој период од почетокот на пандемијата, но среќни што во овие тешки времиња за сите можеме да им помогнеме на луѓето што полесно да се справат со своите психолошки и емоционални проблеми, особено на младите генерации на кои тоа им е најпотребно

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -