После дожд, доаѓа сонце. Животот полека ќе почне да се враќа во нормала. Од ден на ден резултатите говорат дека мерките кои беа донесени од Владата на РСМ, предложени од Комисијата за заразни болести носат добри резултати во борбата против коронавирусот.
Дека мерките се добри и дека институциите постапуваат правилно во време на пандемија покажуваат и анкетите спроведени од „Детектор“ во кои јасно е изразена високата доверба во министерот за здравство и надлежните институции кои се на прва линија во борбата против ова зло.
78,3 отсто од анкетираните одговориле дека се задолни од работата на Филипче во актуелната криза.
Она што е важно да се напомене е дека животот полека, но сигурно ќе се враќа во нормала, но граѓаните ќе мора да ги почитуваат мерките, посебно социјалната дистанца (физичка) и носењето на маски за превенција од ширење на вирусот. Но, во целата оваа ситуација нејасно е зошто опозицијата поточно ВМРО-ДПМНЕ се однесува толку неодговорно и ги менува своите ставови од ден на ден. Прво изјавија дека не била потребна нова вонредна состојба, а потоа после само три дена потпретседателот на партијата Александар Николовски дава изјава во која вели дека вонредната состојба треба да продолжи, со што искажува сосема спротивен став од оној на неговиот лидер. Па добро дечки, дај седнете таму у Белата палата и договорете се што сакате. Еднаш сте за вонредна, а после неколку дена сами се демантирате и не сте. Па вие уште на самиот почеток тргнавте со потценување за оваа состојба во која се наоѓаме. Рековте: Сме молеле Бога да има корона. Арно ама, после тоа видовте дека ситуацијата е сериозна, па почнавте да глумите загрижени и да критикувате без никакви аргументи. И дека навистина се грижиме и дека навистина мерките се добри покажуваат бројките од анкетите, на кои самите граѓани јасно и недвосмислено ја даваат поддршката на надлежните институции.
Еве деновиве конечно имаме убави вести, паѓа драстично бројот на новозаболени пациенти. Тоа е добар знак дека се гледа крајот на ова зло. Нормално, тука е огромна и одговорноста на граѓаните кои мора да продолжат да ги почитуваат мерките за заедно да се избориме заедно и да го вратиме животот во нормала час поскоро. Деновиве откако се откажаа од ставот дека не е потребна нова вонредна состојба, веројатно ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да удира по надлежните институции дека премногу пристапуваат кон отстранување на дел од мерките, а со тоа и ќе го избегнуваат прашањето за одржување на предвремени парламентарни избори. А зошто ни се потребни избори летово? Коронавирусот не е поразен целосно, тој може да опстои во светот и есента повторно да се врати. Во една таква криза ние не смееме да си дозволиме да имаме Влада и институции кои нема да бидат функционални. Само со Влада избрана од граѓаните и со функционален систем ќе можеме да се соочиме со нов удар и нова криза, како и за носење на мерки кои ќе значат стабилност и подобрување на животот на нашите граѓани.
ВМРО-ДПМНЕ ќе удри по комисијата за заразни болести, исто како што се обиде да удри по министерот за здравство Венко Филипче
И наместо сплотени во оваа борба, ВМРО-ДПМНЕ како и многупати досега не покажаа конструктивност и се обидоа што повеќе да го оцрнат министерот Венко Филипче, нешто за кое верувам дека ќе се обидат да го направат и со Комисијата за заразни болести. Имено, дури и да нема новозаболени пациенти, ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистираат на што поголемо одложување на изборите бидејќи така мислат дкеа нивниот пораз ќе биде помал, а со тоа ќе биде спасена и кариерата на неколкумина кои стравуваат за својата позиција во партијата. Сега на удар ќе им биде можеби и Комисијата за заразни болести која во иднина доколку продолжи трендот на опаѓање на заболени и на поголем број излеечени пациенти, може да предложи дека државата е подготвена за враќање на животот во нормала, а со тоа и можно одржување на предвремени парламентарни избори.
ТОА НЕМА ДА ВИ ПОМИНЕ!
Ваква опструкција нема да дозволиме, а нема да дозволат ниту граѓаните кои во огромно мнозинство ја изразија својата доверба кон нашите институции, посебно кон Министерот за здравство Венко Филипче. Убаво е ВМРО-ДПМНЕ да почнат да размислуваат со каква понуда ќе излезат пред граѓаните, дали повторно ќе плукаат по нашите пријатели од соседството и Европската унија, презентирајќи лажен патриотизам пред народот или пак ќе се обидат конечно да бидат конструктивна партија и ќе се откажат од реализација на идеите на лидерот во сенка, бегалецот Никола Груевски.
Пишува: Симон Митроски