13 C
Skopje

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Последното одбројување

Пишува: Дарко Тодоровски

Денот започна со катастрофа во најава, а по се изгледа завршува со мир на хоризонтот. Светот и понатаму одбројува, и судејќи според се наоѓа на работ на голема криза на Блискиот Исток во иднина. САД и Иран продолжуваат да ги зголемуваат воените тензии во регионот и го зголемуваат влогот. Судејќи според се САД со убиството на Сулејмани ја отворија „Пандорината кутија“ на Блискиот Исток и го потценија Иран и неговата решителност за одговор. Како што и се очекуваше, театарот на воените дејства и на иранскиот одговор е Ирак, каде што беше убиен Сулејмани. Ирак сега се наоѓа помеѓу чеканот и наковалната. Трамп во своето обраќање до нацијата изјави дека нема да има голема војна и воен одговор против Иран. Но ескалацијата на настаните не е исклучена во близка иднина, бидејќи Иран и шиитските групи можат да го сфатат отказот на Трамп за нанесување на воен удар против Иран како знак на слабост. Војната е одложена за некои други времиња. После нападот од страна на Иран цената на нафтата на светските берзи се зголеми за 4%.

Иран по завршување на процесот на погребување на популарниот воен генерал Касам Сулејмани во 01 часот и 30 минути по локално време ја започна демонстративната воена операција „Маченикот Сулејмани“, при која што од територијата на Иран беа истрелани 35 балистички ракети со краток дострел по воените бази на САД Ал Асад и база во околината на Ербил во Ирак. Иран во нападот ги користеше следните видови на балистички ракети Fateh-110, Fateh-313 и Fateh Mobin. Фотографиите и информациите од воената база Ал Асад покажуваат дека таа има сериозни оштетувања. Американските ПВО и ПРО системи околу базата не успееја да реагираат и да ги срушат иранските ракети. Зелено светло за нападот даде врховниот лидер на Иран, Ајатолахот Али Хаманеи кој што го следеше нападот од главниот команден центар на Корпусот на Стражари на Иранската Револуција КСИР. Тој изјави дека нападот е шамар за САД. Времето на нападот се поклопува со времето на убиството на Касам Сулејмани од пред неколку денови во Багдад. Министерот за надворешни работи на Иран Мохамед Зафир твитна дека Иран превзел „сразмерен одговор во самоодбрана притоа укажувајќи на 51 статија на ООН и дека Иран не сака понатамошна ескалација на кризата“. По Иранскиот напад Трамп твитна дека се е ок, и дека нема жртви помеѓу американските војници. Во обраќањето до нацијата претседателот на САД Доналд Трамп изјави:

Нема да има воен одговор од страна на САД против Иран, бидејќи нема загинати американски војници и штетите се минимални. Иран никогаш нема да има атомска бомба, повика на нови преговори и постигнување на нов договор околу иранската нуклеарна програма. САД се спремни на преговори со Иран. Трамп ги повика останатите светски сили да не дозволат Иран да дојде до атомска бомба. САД ќе воведат дополнителни економски санкции против Иран. Иран треба да се откаже од својата хибридна воена стратегија и поддршка на тероризмот на Блискиот Исток. САД го повика НАТО да го зајакне своето присуство на Блискиот Исток. САД се први производители во светот на нафта и гас и немаат потреба од наоѓалиштата на нафта и гас на Блискиот Исток. САД му понуди на Иран заедничка борба против ИСИС.

Пред нападот официјален Техеран го известил Багдад за своите намери, кој што потоа го известил Вашингтон, и на тој начин САД успееја да избегнат жртви помеѓу своите војници.

Во деновите после убиството на Сулејмани Иран успеа да дојде до неколку важни победи на надворешен план:

– Парламентот на Ирак ја донесе резолуцијата со која што ги раскинува сите безбедносни договори со САД и бара повлекување на силите на САД и на НАТО од Ирак

– Иран потполно излезе од нуклеарниот договор и започна со процесот на збогатување на ураниум. Според многумина аналитичари, Иран доколку сака во брзо време може да произведе атомска бомба, во рок од една година, бидејќи тој ги има сите потребни компоненти за такво нешто

– Иран изврши демонстративен напад врз цели на САД на Блискиот Исток и со тоа покажа дека не се плаши

– и Иран и Ирак поднесоа до генералниот секретар на ООН и до Советот за Безбедност жалби за едностраната акција на САД за убиство на Сулејмани која што е во спротивност со меѓународното право.

– Шиитските движења и милиции ширум Блискиот Исток изјавија дека тие исто така ќе одговорат на САД за убиството на Сулејмани

После нападот од страна на Иран врз цели на САД во Ирак, земјите членки на НАТО ги повлекуваат своите војници од Ирак. Голем дел на држави веќе ги затвораат своите амбасади во Ирак и ги повлекуваат своите амбасадори и персоналот. Тие се во очекување на одлуката на САД. Претседателот на Турција Ердоган изјави дека Турција нема да дозволи користење на нејзиниот воздушен простор и воениот аеродром Инџерлик кој што е од стратешка важност за САД во војната против Иран.

САД во регионот на Блискиот Исток имаат околу 120 000 војници разместени во различни воени бази во околината на Иран. Во близина е и една ударна група со носач на авиони, а кон Блискиот Исток се движи и една амфибиска ударна група и уште еден носач на авиони со својата пратња. Во регионот се наоѓаат и подморници кои што носат крстаречки ракети. Исто така САД извршија разместување на 6 стратешки бомбадери на островот Диего-Гарсија во Индискиот океан. САД во иднина ќе продолжат со зголемување на своето воено присуство во регионот.

Според разузнавачките информации Иран располага со илјадници балистички и крстаречки ракети со различен дострел кои имаат дострел и до Европа, а исто и шиитските милиции и групи ширум Блискиот Исток располагаат со богат арсенал на ракети со кои што можат да го дестабилизираат целиот регион. Иран исто така се закани дека сите држави кои што ќе дозволат САД да ги користат нивниот воздушен простор и воени бази ќе бидат цели на иранските ракети. Во иднина за очекување се спорадични воени напади на цели на САД ширум Блискиот Исток од страна на шиитските милиции и групи.

Нема сомневање дека предноста на воен, на технолошки план е на страна на САД, но во случај на војна против фанатичниот Иран и шиитските групи ширум Блискиот Исток војната ќе се прошири низ целиот Блиски Исток, и цената која што САД треба да ја плати е преголема, и на воен и на економски план, и таква војна ќе доведе до енормно зголемување на цената на нафтата на светските берзи и до парализирање на светската економија. А и во изборна година Трамп не е подготвен за голема војна. Војната само е одложена за некое време, додека да се изврши прегрупирање на силите.

Latest Posts

АКТУЕЛНО

Stay in touch

To be updated with all the latest news, offers and special announcements.