23.8 C
Skopje
Thursday, October 3, 2024

Колку мобилните телефони влијаат на развојот на малите деца: На три години немаат говор, а однесувањето е слично на децата со аутизам

Светски познатиот детски невролог Олег Корењ неодамна во едно интервју рече дека во последните осум години се среќава со ист проблем – деца кои во просек имаат по три години и практично немаат говор, а нивното однесување е слично на децата со аутизам. Заедничко на сите деца е тоа што родителите им дале паметен телефон или таблет кога наполниле една година.

Александра Карагирова, специјален едукатор и рехабилитатор која го води првиот центар во вардарскиот регион за стимулација, раст и развој на децата со атипичен и типичен развој, “Старс“ за 4NEWS.mk зборува за за последиците од интензивното користење на уреди со екрани во најрана возраст кај децата со типичен развој, односно за екранизацијата.

Карагирова вели дека модерното време и брзиот начин на живот си го зема својот данок – имагинарната игра кај децата и дружењето со играчките и другарчињата.

Во денешно време се почесто се случува да децата постојано бидат изложени максимално пред екран, без разлика дали е тоа таблет, мобилен телефон, телевизор и сл. Ова се должи на брзиот начин на живот на возрасните и немањето доволно време за посветување на игра со најмалите. Интензивната употреба на екрани доведува до мирно и пасивно дете, дете кое не е доволно моторно вешто, нема идеја како да игра со играчките, лесно се раздразнува доколку му се исклучи екранот, интересот за околината и активностите во неа му е селективен, а вниманието е краткотрајно и лесно му се префрла од една на друга активност. Тоа се движи во просторот, но движењата немаат цел. Едноставно е растрчано од едно место на друго. Говорот доцни, како во поглед на разбирањето така и во поглед на изговарањето зборови – потенцира Карагирова.

Нивната пракса во центарот покажува дека е слична симптоматологијата на однесувањето кај децата со типичен развој и кај децата со аутизам, но постои голема разлика.

„Сето ова што го наведов во претходното прашање е поведение и на дете со аутизам, со што дополнително кај дете со аутизам иако доцни говорот, има проблеми во социјалната интеракција, имагинативната игра, не се врти кога го повикуваме по име, или го прави тоа по многу повикувања. Воопшто не разбира едноставни говорни налози, освен кога функционира во својот дом. Тоа се случува бидејќи она што го има научено е механички научено и нема апсолутно никаква функционална примена надвор од домот. За да добие што сака, користи гестови или ги влече родителите за рака. Доколку не го разберат, се раздразнува и плаче. Подоцна самото си зема што сака без да има потреба од комуникација. Во принцип не учествува во исхраната, пребира што ќе јаде, а и тоа е најчесто пасирана храна која му ја даваат родителите, повторно додека гледа во екран. Најзабележителна е играта со низи, како и стереотипното однесување“, вели таа.

Екранизацијата е навлезена на голема врата и кај нив во центарот доаѓаат родители кои мислат дека нивните деца имаат аутизам поради тоа што не зборуваат, а притоа не забележуваат дека нивните деца не зборуваат затоа што се постојано пред екран.

„Денес аутизмот повеќе не е табу тема, но екранизацијата навлезе на голема врата. Барајќи помош од нас како практичари, некогаш родителите не се свесни за грешката која што ја направиле со самото изложување на детето на екрани од најмала возраст. За жал се почеста е оваа состојба, бројката е навистина голема, но доколку навремено се интервенира и се вклучи детето во третмани со дефектолог и логопед, проблемот ќе се детерминира. Морам да напоменам како практичар дека ништо не се случува преку ноќ и за се е потребно максимално вложување како од страна на терапевтите така и од страна на најважната алка во целиот процес – семејството“, истакна специјалниот едукатор Карагирова.

Карагирова смета дека секое дете се раѓа со потенцијал за развој на сите вештини при што најважни се првите три години на детето за неговиот раст и развој.

„Секое дете се раѓа со потенцијал за развој на сите вештини, при што од огромно значење се првите три години на детето. Начинот на кој се развиваат вештините е преку физички активности, игра, движење, работа со рацете, со активна, двонасочна комуникација помеѓу родителите и децата, како и дружење и активна игра со врсниците. Поттикнувајте ги децата на возење велосипеди, долги прошетки, возење тротинет, ролерки, логички игри. Слободно можете да ги вклучите во домашните обврски како што се поставување на маса, раскревање на маса, миење садови и не плашете се од нередот бидејќи на тој начин истражуваат и учат нови работи. Колку е детето поактивно и изведува целни, насочени движења во првите години, толку повеќе се развива неговиот потенцијал, односно развојот ќе има позитивна динамика“, заклучува таа.

Родителите кои ги игнорираат своите деца и користат телефони наместо да им обрнат внимание, можеби ги изложуваат своите деца во ризик од депресија, пишува деца.мк

поврзани објави

Последни објави