Лидерот на СДСМ, Зоран Заев во гостувањето на вестите на Канал 5 телевизија уште еднаш го повтори ставот на неговата партија дека претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов со одлуката за недавање на мандат на мнозинството, врши државен удар врз државата и грубо кршење на Уставот кој го обврзува да го даде мандатот на партиите кои имаат обезбедено мнозинство во Собранието на Република Македонија.
Тој го повика претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на ТВ дуел и воедно порача доколку сака со него да го земе и претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов, иако според него, тоа би било едно исто.
„Тоа што го прави Иванов е државен удар врз државата. Се обидовме да имаме разбирање бидејќи сакаме по мирен пат да ги движиме работите. Постои ветување од албанските партии преточено во декларација, со тоа преговараа и со Груевски и со Заев. Тој преговараше, заврши неуспешно. Зоран Заев преговараше и чека мандат. За нас веќе не постојат платформи туку програма на Влада“, рече Заев.
На прашањето за предлогот на ДУИ, Талат Џафери да биде претседател на Собранието, лидерот на СДСМ истакна дека Џафери е еден од посериозните кандидати бидејќи поседува најголемо искуство во работењето на парламентот и има одлични шанси да биде тој претседател.
„Како би било сега јас да кажам дека Никола Груевски е во Тиранска Влада бидејќи е во Влада со ДУИ. Го повикувам на дуел, да се разјасниме.
Тоа е лоша пракса за Македонија. Ние промовираме Влада и со тоа тргнавме се настрана. Новиот претседател на Собранието ќе му пушти допис на Иванов, да го даде мандатот на мнозинството. Ова е симболичен чин на претседателот кој го обврзува да го даде мандатот“, додава тој.
Понудата на Груевски за правење малцинска Влада која би била предводена од СДСМ, а би била поддржана и од ВМРО-ДПМНЕ, Заев ја оцени како понуда за купување на време на Груевски, а губење време на Македонија.
„Ова се лаги и опашки. Нека дојде Никола Груевски на еден ТВ ДУЕЛ на националните телевизии и да ги отвориме сите прашања“, рече Заев