21.8 C
Skopje
Saturday, May 18, 2024
spot_img

ИНТЕРВЈУ со д-р Лазо Јовчески, специјалист по детска хирургија: На повидок се промени во сите сфери, вклучително и во здравството!

Интервју за Поглед.мк на д-р Лазо Јовчески

ПОГЛЕД: Д-р Јовчески, Вие сте специјалист по детска хирургија. Од каде вашата желба токму за детска хирургија?

Она што некогаш беше желба, во моментов е професија. Јас на детската хирургија, брутално кажано, сега гледам како на нужно зло. Историски, занимањата односно професиите настанале со формирањето на градовите и цивилизацијата.

Професијата лекар, исцелител, датира од почетоците на поделбата на трудот. Со тек на време доаѓа до потесна диференцијација и професионализација. Од функционалистичка гледна точка, јас сум се социјализирал да бидам детски хирург, односно да се занимавам со хируршките состојби на децата, од самото раѓање, па до 14 годишна возраст. Такашто, детски хирург е само професија, работа, начин да се обезбеди егзистенција за семејството. Современиот начин на живот налага времето кое би сакал да го поминеш со децата, да ти мине на друго место, односно на работното место, а во теј период за децата да ти се грижат професионалци од друга сфера.

Мене како личност не ме дефинира професијата. За себе пред сѐ би сакал да кажам дека сум сопруг и татко, сциентист, теслолог, христијанин, Македониец… професијата доаѓа на самиот крај.

Околу желбата…

Желбата започна како предизвик. Пред безмалку триесет години, кога дојде време да ја изберам мојата идна професија, медицината важеше за наука односно дисциплина која е најтешко да се совлада. Тоа беше доволно за мене. За мене не постоеја несовладливи препреки и предизвици, па се јавив на конкурсот за упис на медицинскиот факултет.

ПОГЛЕД: Каде го завршивте вашето високо образование односно медицинска едукација?

Во Македонија пред триесетина години Медицинскиот факултет во Скопје беше единствена високообразовна институција на која можеше да се завршат студии по општа медицина. Тогаш немаше избор. Конкуренцијата беше огромна а селекцијата ригорозна. Сепак, со промисла на Космичката Тајница, што би рекол Крешимир Мишак, успеав да се запишам и завршам. Исто, и специјализацијата по детска хирургија ја оформив во Скопје, под менторство на професор д-р Ацо Димов.

ПОГЛЕД: Сте започнале со работа во Општа болница Струга како општ лекар на одделението за педијатрија, за да денес работите како професионалец во областа на детска хирургија. Како ви изгледа една работна седмица како специјалист на детска хирургија?

Моите почетоци сепак не се во општата болница, иако од одделението за педијатрија носам прекрасни спомени и стекнав големо искуство работејќи таму. Но тоа дојде подоцна…
Вистинските почетоци би ги лоцирал во приватната здравствена установа „Магдис“ во Струга каде работев како избран лекар. Иако имавме и возрасни пациенти, предоминантно работевме со деца. Сопственичката, д-р Татјана Магди беше една од првите ако не и прв педијатар кој отвори приватна пракса во Македонија. Русинка по националност со, би рекол, неортодоксни методи на лекување. Од неа го усвоив холистичкиот пристап во третманот на пациентоте. Не лекувавме болест или дијагноза, го лекувавме пациентот. Во нашата фармакопеја доминираа чај од бел слез, сируп од јаглика, тегавец, бршлен… неретко и сладолед. Советувавме и едуциравме примена на методи кои ќе го стимулираат природниот имун одговр кај децата. Скоро две децении подоцна, сеуште работам со деца. Детето, како организам во раст и развој има специфична физиологија и патофизиологија. Односно, детето не е хоминкулус. Не е доволно да земеш малечки инструменти и пропорционално да ги смалиш потезите за да бидеш детски хирург, би ги парафразирал Грос и Лад, основоположниците на детската хирургија. Во исто време, детето има огромен биолошки потенцијал на себеизлекување, што ја прави детската хирургија и општо работата со деца многу благодарна.
Што се однесува до работната седмица, би рекол дека самиот термин работна седмица зборува сам по себе во какво економско ропство се наоѓаме. Библискиот концепт на седум дена во современото општесатво се претвори во работна седмица, односно седум дена исполнети со прегледи, операции, консултации.

ПОГЛЕД: Кој бил вашиот најголем предизвик во вашата досегашна кариера како доктор? 

Мислам дека најголемите предизвици се пред мене.
Имав интересна идеја да се занимавам понепосредно со интензивно лекување на критично болни пациенти. Естаблишментот во установата во која работам се погрижи да не ја добијам супспецијализацијата која ми беше интересна и во која бев подготвен да ја вложам мојата енергија и време. Живееме во општество во кое не само што не постои мерит систем, туку во кое постои негативна селекција. Со фантастична брзина академска кариера градат ликови со сомителни професионални квалитети, а се врши супресија на вредните и исполнителните. Пропаѓаме во корупција и непотизам како општество. За жал здравството и образованието се вколпуваат во општото сивило во државата. Како и да е, верувам дека на повидок се промени во сите сфери, вклучително и во здравството и во мојата микросредина.
Ќе биде предизвик да се поправат грешките и да се решат проблемите кои се напластиле изминативе години. Но верувам во позитивен исход од кој бенефит ќе имаат сите. И давателите на здравствени услуги и пациентите.

ПОГЛЕД: Кој е Вашиот херој?

Имам повеќе. Мојот татко, кој ми овозможи убав живот и солидна едукација. Кој како лав се бореше за семејството во могу тешки историски моменти. Мојот постар брат, кој ми беше модел. Мојата сопруга, која практично сама ги израсна децата во моменти кога јас бев деноноќно отсутен од дома во текот на специјализацијата.
Не можам да не го спомнат Џон Јанг, човек на кого му се восхитувам. Во општата јавност кога ќе се спомне зборот астронаут, сите помислуваат на Нил Армстронг, Баз Олдрин и Јуриј Гагрин. Ретко кој знае дека Алан Шепард е првиот Американец во вселената и толку.
Џон Јанг по сите мерливи параметри ги надминува сите овие погоре, а е сосема непознат односно вон стучната јавност непризнаен. Тоа е човек кој летал односно командувал со најголем број класи на вселенски летала. Има шест лета во вселената зад себе. Прв летал во Џемини проектот на НАСА, бил дел од две Аполо мисии во шеесетите години на минатиот век и чекорел по Месечината. И додека за другите негови колеги освојувањето на друго вселенско тело значело и крај на активната кариера, за Џон Јанг и тоа не било доволно. Имено тој е прв што ќе полета на спејс шатлот. Вистинска легенда – човек на кој му се восхитувам. И на крај, професорот кој погоре го спомнав, д-р Димов – легенда на детска хирургија во Македонија и пошироко. Мојот ментор кој несебично ми го пренесе сето свое знаење во текот на специјализацијата и кој е најзаслужен за тоа што денес јас го претставувам во детската хирургија.

ПОГЛЕД: Како се релаксирате?

Тешко е човек да избега од реалноста и да се опушти. Но кога ја спомнав реалноста, да кажам дека она што вообичаено го перцепираме како реалност, ни оддалеку не ја одразува целосната и вистинската слика на Универзумот. Наште сетила и моќ на перцепција се ограничени, а материјалистички базиранта наука е имоптентна.
Духовноста се супримира, а се форсираат атеизмот и искривените вредности.
Затоа, во последно време се занимавам со гранични подрачја на науката, метафизика и езотерија. Ги читам делата на погоре спонматиот Мишак, потоа на д-р Семир Османагиќ, Дејвид Ајк и Мајкл Кремо. Одамна ми стана јасно дека многу работи кои сме ги учеле во меинстрим образованието се погрешни и неточни. Затоа, секој слободен момент го користам да ја истражам вистината. А на патот кон вистината единствена препрека е времето. Знаењето може да се спореди со балон кој се дува. Колку повеќе читам, колку што е поголем балонот на знаењето, контактот со надворешниот простор односно со непознатото е се поголем. Секојднево откривам нов наслов кој треба да се прочита и проучи, а времето е ограничено и неминовно тече во една насока.

ПОГЛЕД: Каков совет би им дале на идните доктори?

Да изградат сопствен систем на вредности и по никоја цена да не прават компромиси со истиот. Да се искрени со себе и да веруваат во себе. Многу да читаат и да учат…
Се останато е надградба.

ПОГЛЕД: Кој е вашиот сон? 

Јас сум суверенист и патриот. Мојот сон е да ја видам Македонија обединета во етничките граници, а сите Македонци да живеат во една суверена држава, политички и духовно обединети под Сонцето. Тој сон е достижен и реален. Потребна е воља, стратегија и лидерство. Потребна е акција.

Најпрвин да се расчисти со криминалните структури кои сега ја водат државата!

Државата економски и духовно да се издигне од пепелот. Сама да си ги креира приоритетите и да си ги води политиките.
Тоа е можно и извесно. Кенеди рекол, луѓето да размислуваат што е тоа што можат да дадат на државата, наместо да чекаат таа да им даде нив. Тоа е одлична формула и мото на кое секој за почеток барем еднаш во денот треба да помисли.

поврзани објави

- Advertisement -spot_img

Последни објави