Со поставувањето на хоризонтални попречни препреки т.н. “лежечки полицајци”, продолжува инсталирањето на хоризонталната и вертикална сообраќајна сигнализација на улица „Осоговска“ и на најкритичните места во централното градско подрачје на Македонска Каменица. Исто така, со спроведувањето на оваа фаза од проектот, пред детската градинка “Бамби” се поставени означени заштитни рампи за зголемена заштита на дечињата и пешаците при влез и излез од установата.
Оваа активност се спроведува во рамки на Проектот за изградба на локална патна инфраструктура, со финансиски средства обезбедени од Светска Банка. Преку таа соработка ќе биде поставена сообраќајна сигнализација и на сите останати улици во централното градско подрачје, според веќе изработениот сообраќаен проект од страна на Општина Македонска Каменица.
Претходно, со овој проект и со финансиски средства од Светска Банка беа опфатени изградбата на улица Церска и локалниот пат до Албанско маало во село Тодоровци.
Спроведувањето на сообраќајниот проект е од суштинско значење за граѓаните и нивната безбедност во сообраќајот. Со реализацијата на овој проект, продолжуваме со посветено работиме за унапредување на безбедноста во сообраќајот, обезбедувајќи подобри услови за граѓаните и возачите.