Веднаш после одложувањето на денешното рочиште од судењето за насилствата пред општина Центар, каде првообвинет е поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски даде изјава за медиумите.
Жерновски го нарече Груевски кукавица, бидејќи се крие како што рече тој позади партизираното судство. Градоначалникот на Центар додаде дека тврдењата на Груевски после настаните од 27 април, дека не владеел со насилство, не одговараат на вистината, бидејќи токму ова судење е за нарачан линч на политички противници.
Жерновски истакна дека, ако не утре или задутре, ќе дојде денот кога секој ќе одговара за сторените злодела. Градоначалникот на Центар не пропушти да го искоментира и фактот дека Груевски влезе во Кривичниот суд, преку службениот влез, заедно со портпаролот на Владата, Александар Ѓоргиев и своето обезбедување. Според Жерновски, таквиот потег на Груевски бил демонстрација на сила, со што сака да покаже дека и покрај тоа што веќе не е премиер, се уште раководи со државата.