7.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Денеска се празнува денот на Св великомаченик Георгиј

Празникот на светиот великомаченик Георгиј познат како Ѓурѓовден се празнува на 6 мај според новиот (или на 23 април според стариот) календар. Тој се смета за најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и од целото население во Македонија. Именден празнуваат: Георги, Ѓорѓија, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре, Ганка, Ганчо, Гинка, Ѓурѓица и др.

Големиот црковен и народен празник посветен на светиот великомаченик Георгиј Победоносец маѓу народот познат како Ѓурѓовден спаѓа меѓу неподвижните празници или меѓу празниците со постојан датум.

Според едни извори свети Георгиј Победоносец е роден во Кападокија, во Мала Азија, според други во градот Бејрут, а според трети во Лида Палестинска, околу 270 година. Неговите родители биле богати, но чесни и побожни. Рано останал без татко, по што мајка му заедно со него се преселила во Палестина од каде што потекнувала и каде што поседувала голем имот. Таму го минал детството посетувајќи ги местата каде што Исус го проповедал своето учење. Тука се стекнал и со образование. Бил висок, убав и храбар поради што добил висока служба во војската.

Уште на 20 годишна возраст добил висок чин – воен трибун, а подоцна императорот Диоклецијан го поставил за член на државниот совет, што, исто така, значело големо признание. Но тогаш императорот не знаел каква религија исповедува младиот воен старешина. По смртта на мајка му тој станал наследник на големиот имот, но набргу ги ослободил робовите, а имотот го разделил на сиромасите. Со тоа како да се подготвувал за јавно проповедање на својата вера.

Кога Диоклецијан започнал жесток прогон на христијаните, Георгиј му се спротивставил, ги зел во заштита неправедно прогонетите и самиот признал дека верува во Господ Исус Христос.

Кога св. Георгиј на императорот му рекол дека не е само негов туку и Исусов војник бил подложен на најсурови мачења. Гледајќи ги овие страдања на св. Георгиј особено брзото исцелување на раните и отпорноста на отровот, жената на Диоклецијан, Александра јавно изјавила дека го прифаќа христијанството, поради што била осудена на смрт. Одејќи кон губилиштето таа му се помолила на Господа и веднаш му ја предала својата душа. Свети Георгиј е погубен на 6 мај (23 април, с.с.) според некои извори 303 година и секоја година на овој датум Светата црква го празнува споменот на својот Великомаченик.

 

поврзани објави

Последни објави