Хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ во изјава за хрватски медиум рече дека Андреј Пленковиќ има легитимитет за натамошно водење на Владата
Китаровиќ во разговор за телевизијата РТЛ изјави дека Хрватска е релативно млада демократија и учи од сето тоа, а постојат елементи кои не се пропишани со Уставот и законите и затоа очигледно ќе мора да се поработи на тие документи.
„Мислам дека по локалните избори сите ќе знаеме многу повеќе. Денеска моите соговорници истакнуваа дека тогаш главите веројатно ќе им бидат поладни и дека со многу повеќе одговорност ќе пристапат кон решавање на проблемите“, рече таа по состанокот со шефовите на пратеничките клубови во Саборот.
Китаровиќ додаде дека „мнозинството треба да се почитува, без разлика колку е тоа тенко, бидејќи тоа секогаш е така во демократските системи“.
„Мнозинството кое е пропишано го претставува гласот на избирачите. Секако, ќе видиме каква ќе биде состојбата по локалните избори, рече таа.
Запрашана дали Андреј Пленковиќ го има легитимитетот за натамошно водење на Владата, таа изјави: „Да. Повторувам, денеска не утврдив дека постои критично мнозинство кое е потребно за изгласување недоверна на Владата“.
На забелешката дека е ова трета Влада во текот на нејзиниот мандат, таа кажа дека тоа навистина ја фрустрира.
„Тоа не забавува, одлуките не се донесуваат и јас на некој начин сум блокирана, бидејќи било која иницијатива да почнам таа се доживува во предизборен контекст. Би сакала конечно да тргнеме напред, да тргнеме да донесуваме одлуки. Од амбасадорите и дипломатијата до клучните прашања – блокираните, невработените, младите… Значи, постојат животни прашања кои се многу побитни од препукувањата“, рече Китаровиќ, а пренесе регионалната телевизија Н1.