Македонскиот пијанист Симон Трпчески најавува светска премиера на неговиот најнов проект со музика од Македонија, насловен „Македонисимо“, која ќе се случи на 18 мај на Фестивалот во Лудвигсбург, Германија.
„Станува збор за проект со македонска музика на кој му се радувам искрено, како на мало дете. Многу долго време работев на него во мојата глава, од големиот број обврски до сега немав можност да го реализирам, но среќен сум што конечно се случува. На 18 мај на Фестивалот во Лудвигсбург, Германија, овој проект ќе ја има својата светска премиера. Јас го отворив овој фестивал минатата година, заедно со музичкиот уметнички директор, финскиот диригент Пиетари Инкинен“, вели Трпчески во интервјуто за Македонското радио.
Станува збор за проект, како што појаснува Трпчески, што вклучува сплетови од македонски ора со неколку песни кои би донеле еден шарм на целата инструментална димензија на овој проект.
„Тие сплетови јас лично ги избрав и конципирав и при тоа би сакал да им се заблагодарам на вработените во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ за нивниот професионален придонес, совети, информации и материјали што ми беа од огромна помош, како и на вработените во Ансамблот за народни игри и песни „Танец“, кои исто така ми помогнаа во подготовката на овој проект. Во оваа прилика би сакал да се заблагодарам и за повторната исклучителна соработка со македонскиот композитор Панде Шахов. Тој ја потпишува музичката обработка на овие прекрасни музички дела и со навистина голем ентузијазам влезе во целиот овој огромен проект од 80 минути музика“, истакнува Трпчески.
Додава дека проектот вклучува квинтет, камерно видување на македонската музика, односно вклучува пијано, виолина, виолончело, кларинет, саксофон и кавал и еден цел сет удиралки.