4.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Книга за нуклеарната катастрофа во Чернобил од нобеловката Светлана Алексиевич

Издавачката куќа „Антолог“ ја објави книгата „Чернобилска молитва“ од белоруската авторка Светлана Алексиевич, добитничка на Нобеловата награда за литература во 2015 година. Ова е втора книга од неа објавена во „Антолог“, по „Војната нема женско лице“. Преводот на македонски е на Игор Станојоски.

– „Чернобилска молитва“ е чудесна и потресна книга за личните соочувања на луѓето погодени од најголемата нуклеарна катастрофа во историјата на човештвото. 26 април 1986 година, Чернобил. Сведоштво од кое се ежи кожата. Каталог на трауми на луѓе погодени од катаклизмични настани чии ефекти беа пренесени низ целата планета. Болка, страв, бес и несигурност, кои сè уште се присутни како реалност или како заканувачка опасност што демне. Авторката дозволува оние што живееле и сè уште живеат во погодените области да ја раскажат сопствената приказна, соопшти „Антолог“.

Алексиевич, посочува „Антолог“, нагласила дека ова не е книга за Чернобил, туку за последиците од Чернобил, за луѓето што живеат во нова реалност, која никако не можат да ја сфатат.

– Оние што го преживеале Чернобил се преживувачи на атомската Втора светска војна. А таа трае и денес, подмолно, бидејќи од она што се случува(ло) таму сè уште се пишуваат и ќе се пишуваат истории. Уметноста многу пати вежбала апокалипса и нудела различни технички верзии на судниот ден, но сега со сигурност знаеме дека животот е многу пострашен писател. За оваа тема не смее да се молчи, а овие приказни не смеат да бидат заборавени од времето, смета авторката.

Светлана Алексиевич е родена во 1948 година во Ивано-Франковск, Украина, од татко Белорусин и мајка Украинка. Живее во Минск, Белорусија. Нејзините книги се преведени на повеќе од 30 јазици и биле основа на десетина драмски поставки. Според нејзини сценарија се снимени дваесетина документарни филмови. Добитничка е на огромен број награди, меѓу кои и на Нобеловата награда за литература во 2015 година.

Алексиевич е творец на сосема нов, нефикциски жанр. Таа пишува „роман од гласови“. Градејќи го овој жанр од книга во книга, таа постојано ја усовршува естетиката на својата документаристичка проза, која се базира на стотици интервјуа. Ваквата нејзина вештина овозможила да го претвори оригиналниот глас на нејзините соговорници во уметничка кондензација на панорамата на душите.

поврзани објави

Последни објави