2.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Вицепремиерот Османи се сретна со амбасадорите на Шведска и на Швајцарија

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска имаше одделни средби со амбасадорите на Кралството Шведска и на Швајцарија, соопшти неговиот кабинет.

На средбата со амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Теада, се разговараше за континуираната соработка меѓу двете земји. Вицепремиерот Османи нагласи дека е од голема важност што Македонија останува меѓу приоритетните земји за добивање на швајцарска помош. Новата Стратегија на Владата на Швајцарија за Македонија за периодот 2017-2020 година, како што рече Османи, претставува додадена вредност на реформскиот процес бидејќи предвидува поддршка во клучни области, како што се демократија, вработување, економски развој, инфраструктура и животна средина.

На средбата, пак, со амбасадорот на Кралството Шведска, Матс Стафансон, е изразено задоволство од досегашната соработка на двете земји во евроинтегративниот процес. Османи се заблагодари на поддршката од Шведска за Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, преку разни програми. Шведска изврши големо влијание за добивањето препорака за Македонија за отпочнување на пристапни преговори за време на своето претседавање со Советот на ЕУ, како и добивањето на визната либерализација.

На средбите, вицепремиерот Османи накусо ги информираше амбасадорите за последните неколку средби во Брисел и соседните земји, кои беа остварени во насока на откочување на целокупниот евроинтергративен процес на Македонија. Тој се осврна и на Планот 3-6-9, посочувајќи дека веќе постои општествен консензус за содржината, а имплементацијата на Планот е во одмината фаза. Тој им потврди на амбасадорите дека Планот има целосна поддршка и од јавноста и од независните институции кои треба да го имплементираат, но и дека очекува да се создаде и политички консензус, т.е. планот да добие поддршка и од опозицијата, се вели во соопштението од кабинетот на вицепремиерот Бујар Османи.

поврзани објави

Последни објави