Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески реагира на пресудата поради сторено кривично дело „Несовесно работење во службата“, а по пријава од адвокатот Жарко Стеваноски.
Основниот суд Прилеп без да спроведе постапка во која што би ги соочиле аргументите, го потврди налог доставен од ОЈО Прилеп, иако истиот е апсурден и на него имам изјавено приговор, така што одлуката на судот се смета како воопшто да не била донесена.
Убеден сум дека по спроведувањето на постапката во Судот ќе се докаже дека сум целосно во право. Штетата на општинската зграда ја предизвикаа други лица за време на шарената револуција, од кои треба да се бара одговорност. Јас како Градоначалник на Општина Прилеп имам обезбедено заштита на сопственоста на Општината. Во Општината функционира служба за обезбедување на општинската зграда и има видео надзор за набљудување на околината на зградата, со што во целост го имам применето членот 50 ст.1 т.15 од Законот за локалната самоуправа.
Целта на сите овие случувања е дискредитирање на мојата личност, локалната самоуправа и сите проекти кои се реализирани во градов изминативе дванаесет години со што Прилеп од едно заборавено место стана препознатлив бренд во Република Македонија, реагира Ристески.