3.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Спасовски: УБК нема преземено никакви активности против која било држава или амбасада

Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) нема преземено никакви активности коишто се против која било држава или која било амбасада во Република Македонија, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Одговарајќи на новинарско прашање поврзано со неодамнешното повлекување на вработените од српската Амбасада во Скопје, министерот Спасовски нагласи дека во овој дел немаат апсолутно никакви активности коишто може да ја компромитираат УБК или Министерството за внатрешни работи.

Во врска со настаните од 27 април кога се случи упадот во македонското Собрание и можната инволивираност на припадници на МВР, министерот Спасовски рече дека со сите можни капацитети се насочени кон истрагата и оти очекува и од Јавното обвинителство да биде одлучно во однос на постапките против лицата кои извршија упад во Парламентот.

– Се водат и внатрешни и дисциплински постапки против повеќе припадници на МВР и на УБК и тоа е од исклучителна важност и врвен приоритет за нас за да се справиме со оваа состојба. Очекувам дека и Јавното обвинителство, посебно Одделот за организиран криминал, ќе бидат одлучни во однос на постапките против лицата кои извршија упад на 27 април во Собранието се со цел да убијат дел од пратениците, рече Спасовски.

Според него, важно е да се спроведе целосна истрага за настаните од 27 април за да се врати кредибилитетот и довербата во институциите.

поврзани објави

Последни објави