Очекуваме помош и поддршка од соседна Грција во евро-атланските интеграции. Потпишавме меморандум со кој се воспоставува соработка со грчката дипломатија, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров по средбата со грчкиот министер, Никос Коѕиас.
– Имавме отворен и долг разговор, со кој дадовме придонес за добрососедската политика. Разговаравме за методите и начинот на кој ќе се одвива процесот за соработка со Грција, како и за тоа кои се интересите и грижите на двете страни во поглед на решавањето на меѓусоседските проблеми и влегувањето на Македонија во ЕУ и НАТО, рече Димитров.
Министерот кажа дека од негова страна се афирмирани афинитетите за добрососедска политика и дека ќе биде задржан континуитетот на разговори и дека со грчкиот министер за надворешни работи ќе се гледаат почесто.
На прашањето што ќе направи новата влада во однос на симболите и скулптурите на Александар Македонски кои побудуваат чувства кон граѓаните на Грција, Димитров одговори дека ова е 21 век и дека не смее да се гради политика врз историски личности од пред 2 илјади години.
– Историјата треба да е учител, но не и затвор. Ќе се држиме до спогодбата од 1995 година. Двата народа ќе живеат посплотено само во добрососедски односи, одговори Димитров.