Во својата суштина, конзервативниот човек е многу тивко и интелигентно суштество.
Тој е многу потолерантен од либералот. Ако го прашаш: “Ти каков си, од кои си, од левите или од десницата?”, Тој веројатно ќе мавне со раката, ќе каже: „Абе, ај те молам остави ме на раат’ и ќе замине да заврши некоја далеку поважна и значајна работа.
Конзервативниот човек не е наклонет кон модерната облека и модерните идеи, бидејќи тој е скептичен. Тој често е носител на она што тој го нарекува “воспитување од баба и дедо”. Тој зборува нормално и слободно, и ако го поканиш на тв дебата, ќе го каже истото што ќе каже и на масата со пријателите.
Конзервативните луѓе се многу, но тешко е да бидат политички застапени, бидејќи не сакаат да се дружат. Тие ретко припаѓаат на партии или други слични собири за заедничко дејствување. Тие не ја даваат својата поддршка еднаш и засекогаш, туку му веруваат само на оној што тоа го заслужува.
Конзервативната личност ќе ја поддржи секоја значајна политичка идеја и секоја партија во чија искреност верува.
Дури и да не поверува докрај во искреноста на партијата, бидејќи тоа често е невозможно, ќе ги провери нејзините можности да го исполни она што го ветила. Таков човек е конзервативецот, но денес за жал политичките субјекти кои се изразуваат и презентираат како конзервативни се почесто се нарекувани популисти.
Што е популистичкото во решавањето на проблемот со имигрантите? Ова е вистински проблем, тука не се работи за социо-економски фантазии. Патем, фала Богу дека не зафатија имигранти, бидејќи можеше да е војна, епидемија, природна катастрофа или друг сличен отрезнувачки настан.
Имигрантите се криза, а кризата се зголемува.
Кога живее во благосостојба, кога не е загрозен од надворешните фактори, човек омекнува, престанува да го цени она што го има, го губи својот елан за борба, ја заборава вистинската солидарност, бидејќи ближниот не му е другар, од кого зависи неговиот живот, а во најдобриот случај, е само еден весел пријател во префинет ресторан.
Обидот на едни „други“ луѓе да влезат во нашиот дом е изненадувачки. И викотниците на либералите дека овие луѓе не се други, одекнуваат залудно, бидејќи сите гледаат дека тие се „други“. Кога ќе ги оставиме настрана прашалниците, дали се подобри или полоши, повеќе цивилизирани или повеќе уназадени, со повеќе или помалку права – тие едноставно се „други“.
Имигрантското прашање има јасно видлива граница и секој може да оцени, кон кој табор припаѓа. Така конечно ќе се роди европскиот патриотизам – идеја што има голема иднина.
Оваа идеја ги побива стравувањата дека подемот на националистите во многу земји ќе ја донесе Европа до состојба слична на онаа меѓу двете светски војни. Тоа нема да се случи.
Многу поверојатно е Европската унија да се претвори во нова Римска империја за ужас на Русија и САД, бидејќи и двете супер сили имаат свои амбиции и претензии кон тоа наследство.
Доволно е Европа да ја институционализира својата заедничка надворешна политика и да создаде своја армија – нешто што одамна требаше да се случи. Така концептите како „патриотизам“ и „национализам“ ќе добијат нова и јасна содржина: европски патриотизам и европски национализам.
Што е патриотизамот? Тоа е чувството кога сакаш да бидеш различен, а не ист со некого. Различен од Америка (и од Англија, ако таа посака да отплови кон Америка), од Русија, од Азија и од Африка. Вашата различност создава самодоверба и почит кон другите поради нивната различност. Свеста за различноста е здрава состојба, а не „популизам“.
Токму затоа, мислам дека Картагина мора да биде уништена.
Пишува: Иван Стамболов- Сула