„Треба да ја прифатиме, подадената рака од Македонија“- рече патријархот на Бугарската Православна Црква, Неофит, во одговор на прашање поставено од бугарската информативна агенција БГНЕС. „Тоа е најмалото нешто, што можеме да го направиме, бидејќи тие се наши браќа, наш народ. Ќе се потрудиме да го зачуваме нашето единство“- изјави бугарскиот патријарх Неофит пред да влезе во зградата на бугарскиот Свети Синод.
Патријархот и митрополитите се собраа за да го разгледаат писмото на Македонската православна црква – Охридска архиепископија / МПЦ-ОА / од 9 ноември. Во него таа моли да биде признаена како независна црква, а исто така сака Бугарската православна црква да стане нејзина Црква-Мајка. Пред зградата на Синодот и покрај ладното време и дождот бројни граѓани се собраа утрово на тивко бдеење во поддршка на барањето на МПЦ-ОА. Истакнати јавни личности, новинари, научници, претставници на големи македонски родови како Миладиновци и Дрангови, Шапкареви, Прличеви и Развигорови веќе ја објавија својата поддршка за барањето на МПЦ. Според нив Бугарската патријаршија има основ да ја нагласи историската вистина за потеклото на обновената Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, и нејзиното егзархиско наследство.