Нажалост, поради многубројните политички случувања како и политичкиот амбиент во минатото, голем дел од нас младите станаа песимисти во однос на погледот нивен кон промени, општествени промени пред се. Навидум, во главата на многу од нас ни стануваше се појасно дека ништо не би можеле да смениме во општеството, а тоа системски ни беше градено на нас десничарите. За цела среќа, останаа и многу храбри, многу оптимисти, многу ентузијасти чија мисла, слобода на говор и политички ангажман неможе ниту една сила да ги сопре. Младите и нивното место во политичките партии. Политичкото дејствување уште од мали нозе и не е толку лоша работа, напротив, доста корисно патување и градење на искуство кон својата идна политичка кариера. Нема ништо лошо во тоа младиот човек да биде активно вклучен во политичка партија, а со тоа и во креирањето на политиките во областа каде што се образува или работи. Младинската мисла и креативност како инфузија на постарите! Добро е младите да бидат објективни, да размислуваат разумно во изборот на политичката партија и да имаат некоја јасна слика за политиката и општеството. Се што е надвор од овие граници нема смисла. Определеноста на младиот (десно, лево, центаристички или друго), е сосема природна работа, па дури и да го смени својот став во блиска иднина, секогаш ќе е оправдано бидејќи се додека сме млади, нашиот мозок апсорбира, гледа и учи, за на крај кога ќе созрееме во една зрела личност, да можеме да го одбереме правиот пат. Секако, ова е КРАЈНО НЕДОЗВОЛИВО за веќе зрели личности кои за интерес наеднаш од левичари стануваат цврста десница и обратно. Токму поради вакви причини, но секако и многу други причини, во Македонија политичките партии почнаа погрешно да се сфаќаат. Наместо да се гледа на нив како група на луѓе кои треба правилно да управуваат со државата, да размислуваат заеднички кон исти цели, да креираат образовни, здравствени, економски политики и да поттикнуваат младите да бидат идните лидери и носители на тие дејности, политичките партии почнаа да служат како завод за вработување. Партиските членови (без разлика на возраста) останаа без свои ставови и идеи, а наместо да бидат моторот на партијата и коректив на политичарите со поголеми функции, тие започнаа да ги презентираат и форсираат ставовите наметнати од партијата (како ќе кажат од горе), а доколку некој се крене против тие ставови веднаш е санкциониран. Токму поради тие причини сум дел од иницијативата за реформи во ВМРО ДПМНЕ која што се залага за ДЕМОКРАТИЗАЦИЈА на партијата. Слободата на говорот и мисла кај еден млад е најголемото оружје кое го поседува секоја партија и држава. Ниту еден куршум неможе буши како јаката идеја и силниот збор. Јас како млад, се приклучив на иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, дејствувајќи во младинската област кадешто секој од нас слободно чекори креирање на една нова политичко-десничарска сцена кадешто компететивноста помеѓу младите ќе е најбитна работа за просперитет и успех, а не сервилноста и послушноста кон одредени личности. Силата на УМС, на ВМРО-ДПМНЕ и на Републиката извира од доблестите и квалитетите на личноста на поединецот, а не од неговиот пол, потекло, религија или каква било друга определба. Како млади кои сме дел од реформите во ВМРО-ДПМНЕ, потикнати од желбата за надградба на квалитетите на поединецот надвор од формалното образование се залагаме за еден здрав пристап кон конзервативната политичка едукација. Го охрабруваме истражувањето на идеалите кои ги делиме и вредностите на нашето општество со цел младиот човек посуштински да се запознае со тоа што претставува конзервативизам во нашето современо опкружување и негово спремање да ја прифати обврската да биде активен и продуктивен чинител во општествените односи. Создаваме и нудиме неформален образовен модел преку кој го пополнуваме долгогодишниот вакуум на идеи и политичка едукација и ја пренесуваме конзервативната мисла и создаваме современа политичка култура во прв план кај младиот човек кој ќе членува во ова идно УМС, но и на сите други кои сакаат подобро да се запознаат со нашите вредности и цели. Најсилното оружје кое го поседува младиот конзервативец е неговиот личен пример. Неговата вистинска сила е врзана со храброста да се говори вистината и само такви личности можат да градат институции и политики на кои може да се гордееме и со кои може да изградиме подобра иднина за нас, за блиските и за идните генерации кои ќе нѐ наследат. Токму поради овие причини, не чекај, придружи се и ти кон иницијативата за демократизација и модернизација на ВМРО-ДПМНЕ.
Автор: Јовановски Давид, дел од иницијативата за реформи во ВМРО ДПМНЕ