Пишува: проф.д-р Катерина Тодороска
Програмска Декларација
„Разурнувачката политика на поранешната Влада беше создала една несносна и безизлезна состојба во цела ДРЖАВА, која ја предизвика револуцијата за нејзина ликвидација“.
„Последиците од катастрофалната политика на поранешната Влада се: нередовен и со постојан дефицит државен буџет; дезорганизирање на сите клонови на државната управа; компромитирање на јавната безбедност; анархија во сите државни органи; ставање на личниот интерес над државниот; атентати против месните жители и туѓинците. – Сето тоа ја компромитираше НАШАТА држава, како внатре во земјата, така и надвор, со што се зголемуваше сомнежот во способностите на НАШИОТ народ“.
„ За да се спроведе, после револуцијата, една поуспешна политика, новата власт, поддржана од регентството и потпирајќи се на народната доверба, го презеде владеењето на државните работи во крајно тешки услови, создадени од нашите претходници и му вети на народот дека ќе ја поправи денешната положба со приложување на следната програма:
„1) Сеопшто и безусловно разоружување; 2) Предавање на суд на виновниците за револуцијата и сегашната жална положба; 3) Воспоставување на јавна безбедност и применување на законите; 4) Закрепнување на државната власт и надминување на беззаконието; 5) Радикално разрешување на аграрното прашање, ослободување на народот од феудализмот и воведување на демократија во цела Албанија; 6) Основни административни реформи во целата управа и во воениот сектор; 7) Упростување на бирократизмот, намалување на чиновниците и избор на такви чесни и патриоти; 8) Определување на нивните права и одговорности; 9) Организирање на општинската власт; 10) Економија во расходите и балансирање на буџетот; 11) Воведување на нов даночен систем; 12) Подобрување на состојбата на селанецот и неговото економско ослободување; 13) Олеснување на влезот на странскиот капитал; 14) Поткревање на угледот на државата во странство; 15) Целосна независност на судовите; 16) Радикални реформи во застарените судски закони; 17) Организирање на заштитата на народното здравје; 18) Организирање на народната просвета на модерни основи; 19) Воспоставување на трајни пријателски односи со сите држави и земји, а исто така инсрдечни врски со соседите.
„ Штом се воспостави нормалната положба во земјата, ќе се спроведе реферндум т.е. слободно, тајно и преку прашање на народот, дали ја одобрува нашата политика, со подготвеност да се потчиниме на народната волја“.
„Признаваме, дека ќе треба доста време за исполнување на овие наши ветувања и за исполнување на целата програма, но ние сме уверени, дека ќе успееме и дека народот со самопожртвуваност и искреност ќе ни помогне.“
Почитувани пријатели, ова не е програмата на ниту една Влада од 21. век, туку Програмска декларација на новата Влада на Албанија која на власт дошла во 1924 година. Големите букви во декларацијата слободно заменете ги со Албанија, албански….
Како што пишува и во Декларацијата, несносната положба на населението во Албанија ја предизвикала албанската револуција, која завршила со победа на националистите, а која поминала низ следните етапи: владина криза во јануари 1924, атентат против премиерот Ахмед Зогу во март, убиството на пратеникот Авни Рустеми во мај, протерувањето на Владата на Илиас Вриони во јуни, и најпосле, создавањето на новата Влада на чело со Фан Ноли.
Во месец јануари 1924 год. во Тирана се собрале албански патриоти кои долги години работеле во Константинопол, станало јасно дека Ахмед бег нема да има мнозинство во Парламентот, бидејќи од 104 пратеници тој можел да смета само на 26 свои приврзаници (популисти), на 6 гркомани од изборната комисија на Аргирокастро и на 14 пратеници меѓу беговите. Гледајќи дека власта му се извлекува од рацете, тој коалицирал со беговите и ја отстапил функцијата на својот дедо Шефкет бег Врласи од Елбасан. Фактички, тој продолжил да ги држи сите конци на власта. Но, тој сојуз со беговите многу му го забрзал зголемуваето на револуционерното расположение и станал причина за атентат против него.
Атентаторот кој стрелал во Ахмед бег Зогу во Парламентот се викал Беким Валтер, 17 годишно момче, кое било член на „Клубот на интелектуалците“. Претседател пак на клубот бил пратеникот Авни Рустеми, истиот оној кој што неколку години порано во Париз го убил Есад Паша. При извршувањето на атентатот, младиот Валтер извикал: „На Албанија не и треба феудализам. Смрт на сојузникот на беговите!“
Ахмед Зогу знаел многу добро од каде му стигнал поздравот со куршумите и не поминале два месеца од атентатот врз него, тој го организирал убиството на Авни Рустеми, сред пазарот на Тирана.
Иако целта на атентатот била да се заплаши и смири незадоволното население, ваквиот чин предизвикал обратен ефект. Тоа убиство послужило како сигнал за револуцијата која одамна тлеела. Околу 30 опозициони пратеници собрани во Валона, за погребот на Авни Рустеми, решиле да не се враќаат во Тирана. Заедно со претставниците од сите градови и села, дојдени за погребот, тие се заколнале врз трупот на својот загинат национален херој, дека ќе се одмаздат за неговата смрт и веднаш испратиле до Владата во Тирана ултиматум да ја напушти власта, за да се избегне пролевањето на братската крв. Веднаш после тоа, една од значајните политички фигури, Гуракуќи се упатил од Валона во Скадар за да го предупреди, од порано добиениот гарнизин во тој град и да го организира востанието во Северна Албанија.
Револуцијата во Албанија избувнала насекаде, а веднаш потоа следела министерска криза, по што се создала нова Влада на чело со Илјаз бег Вриони, но положбата со ништо не ја изменила, поради што преговорите меѓу востаниците и новата власт завршиле со фијаско.
Движењето започнало од Скадар под водство на полковникот Реџеп Шалија и Гуракуќи; од Валона – под водство на Фан Ноли и Ќазим Коцули; од Косово – под водство на легендарниот албански револуционер Бајрам Цури, а од Дебарско – под водство на Елез Јусуф. Постепено целата армија преминала на страната на востаниците и на 10-ти јуни тие победоносно влегле во Тирана. Бил формиран воен кабинет, на чело со Реџеп Шалија, кој наскоро го отстапил местото на еден политички кабинет предводен од Фан Ноли и Гуракуќи.
Новата власт во Албанија била составена од регентите: Сотир Пеци, Бајрам Цури, Сами Вриони и Ноц Чоба. За премиер бил избран Фан Ноли, министер за финансии – Гуракуќи, либерал и пријател на политиката на соработка со Италија, министер за надворешни работи – Сулејман Делвина, поранешен премиер, националист, кој што пред 1912 г. долго време бил директор на одделот во цариградското министерство за внатрешни работи; тој бил виден член на Младотурската партија и ги поддржувал широките врски со османските политички средини. Министер за правосудство бил Ставро Вињао, најдобриот албански правник, социјалист по убедување, а министер за внатрешни работи е полковникот Реџеп Шаља, непартиски националист. Министерр за општествени работи станал Ќазим Коцули, еден од главните водачи на движењето за протерување на Италијанците од Валона во 1921 година. Министерствотоза просвета останало слободно и било резервирано за еден Косовец.
Ова бил првиот државен акт на новата Влада објавената на 21 јуни потпишан од претседателот на албанската Влада: Фан Ноли
Претпоставувам, имињата не ви значат ништо, но нивниот шареколик интерес секако треба да ве заинтересира. Секој од нив влечел на своја страна, еден како поборник на италијанското влијание во Албанија, друг заинтересиран за турскта, трет социјалист итн. итн. Во таа Влада сите биле специјалисти во својата област, но многу други нешта на биле против овој состав на албанската Влада.
А премиерот Теофан Стилијан Ноли познат како Фан Ноли иско бил еден од, за мене, најголемите личности на албанската историја, сепак, неговите премиерска и регенска кариера биле многу куси и траеле од 16 јуни до 23 декември 1924 година.
И зошто го пишувам сето ова.
За да покажам дека секоја Влада почнува со програма за подобрување на животот на народот и државата. Иако, не била во 100 чекори, програмата на Владата на Фан Ноли била една од најпрогресивните во тоа време. Но, доживеала дебакл.
И да заклучиме.
Животот е претстава во која секој од нас има одредена улога. Така и ние денес. Може една Влада да го има најдобриот премиер, ако неговата работа ја поткопуваат различни интересџии кои ќе влечат секој на своја страна, и тој и таков, најдобар премиер е осуден на горчлив забрзан курс по историја. Целта? Да не се доживее судбината на Владата на Фан Ноли.
Историјата е учителка на животот, а учењето е постојан процес кој циклично се повторува.
Историјата се повторува само глумците се менуваат.
Извор: Ако.мк