„Јосип Броз Тито е Исус Христос за Македонија“, рече еднаш еден човек и остана жив. Тој е водачот на Сојузот на Титови леви сили, Слободан Угриновски, кој е познат по изјавите дека комунистите ја создале Македонската Православна Црква, но и по неговите легендарни говори во кампањата за изборите предводена од ВМРО-ДПМНЕ која имаше слоган: „Знаеш што е подобро“ – за тебе, за Македонија! – каде што вели:
– Да се потсетиме на зборовите на другарот Тито! Туџо нечемо, своје не дамо!
Во својот говор на митинг на ВМРО-ДПМНЕ, Угриновски вели дека програмата на ВМРО-ДПМНЕ го враќа во младоста, кога имало петолетки и ја изградиле НРМ, притоа користејќи повеќе српски зборови, отколку македонски. (Погледнете на видеото од 22 секунда)
Дури зборува за ова, зад него на бина стојат Владимир Нелоски, поранешен претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Чедомир Саздовски од ГРОМ, кој моментално е пак пратеник во Собранието на Република Македонија од редовите на СДСМ, а тогашен коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ, како и пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
И покрај промената на раководството во ВМРО-ДПМНЕ, љубовта меѓу следбениците на Јосип Броз Тито и најголемата опозициска партија која во 90-тите се бореше за пад на југословенскиот режим, со цел независна и самостојна Република Македонија, се уште трае, а за тоа сведочат фотографиите од Слободан Угриновски кој беше присутен на големиот антивладин митинг организиран пред Влада на Република Македонија.
Оттука, се поставува прашањето – каков бенефит носи Сојузот на Титови леви сили на ВМРО-ДПМНЕ, ако се земе во предвид нивната различна и сосема спротивна идеолошка определба и заложба како политички субјекти, и до кога Христијан Мицкоски како нов претседател е подготвен да ги трпи другарите на Тито, кои сметаат дека тој бил „Исус Христос“ за Македонија!?
Марио Милчевски