Кога се вратив дома од Гинекологија од пороѓај, ја затекнав свекрва ми како се вселува кај нас дома, па уште и внесоа и кауч во детската соба – мене искрено да ви кажам – ми се стемни!!!
Па што си мислеше она? Дека бебето одма ќе спие само во детска соба? Уште од порано знаев дека бебето ќе спие покрај мене во киндербет, ама замислете – ова масло е на маж ми, зошто тој смислил бебето да спие со свекрва ми во детска соба, па кога ќе заплаче таа да ми го донесе во спална за да го надојам. Не можев да си поверувам што гледам и што слушам!!!
И сега се нервирам додека ви го пишувам ова, зошто тогаш ми беше незгодно да речам не, па им ги исполнував желбите на сите. Така издржав една седмица со нејзиното непотребно помагање, а што правеше бог да чува, одеше по мене, јадењата што ги правев дополнително ги солеше и им додаваше зачини, а еднаш ја фатив и како дотура кафе во ѓезвето, а тоа скоро беше сварено.
Ме изнервира кога пак ги спакува играчките кои ги купив за бебето и ги тргна, со образложение дека тие беле опасни за едно бебе, дека од нив можело да се повреди. Јас сум била неискусна мајка и ништо не сум знаела, затоа таа била тука, да ми помогне и да ме подучи како се гледаат бебиња. Бог да чува! Ко јас фатена да сум во рацете!
Кога дојдоа моите родители дома кај нас да го видат бебето, одма за пола саат свекрва ми им рече да си заминат бидејќи она морала да го бања бебето. Леле, да и ја видевте фацата на мајка ми!!! Таа ме погледна со ококорени очи со знак прашалник над главата.
Јас не можев да издржам и станав, и реков дека јас сум мајка на моето бебе и јас ќе си го бањам и јас ќе си го чувам, а ако толку сака таа, што не си роди уште едно бебе, па нека му изиграва мајка на него. Беше многу некултурно и од нејзина и од моја страна, ама она си го бараше.
Си ги спакував работите, моите и на бебето, па заедно со моите родители си се вратив дома кај нив, и немам намера да се вратам кај маж ми додека тој не ја исели мајка му од кај нас. Не ме интересира. Глупава бев што порано не го направив ова, ама ај да нема кавги. И да знаете сите млади мајки, секојпат кога ќе си речете „ај да нема кавги“, тие земаат поголем залет и само полошо ќе биде. Ова ми го кажа една моја другарка која пред мене се омажи и имаше дете, ама сега и на своја кожа осетив.
Како ќе се одвива натаму, не знам, ама искрено ви кажувам дека немам намера да се вратам додека таа е таму!