4.8 C
Skopje
Saturday, October 26, 2024

СЈО се корегираше: Kривично нема да ги гони овие 3 функционери

Љубчо Георгиевски за прв пат стана осомничен, но и првоосомничен кој нема да одговара кривично. Делото злоупотреба на службената положба додека бил премиер, веќе застарело, пишува СЈО.

Покрај него, од кривична одговорност куртулија и Марјан Ѓорчев како вице премиер и Никола Груевски како министер за финансии, сите тројца осомничени во случајот „Поштенски банки“. Но, за злоупотреба на службената должност се бара одговорност од Ратко Димитровски, сопственик на печатницата Европа 92, а во јавноста препознатлив како најбогатиот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ кој помина два мандати во Кочани. За истото дело СЈО го гони и Томе Главчев, сопственикот на гевгелиската текстилна компанија Ноел. Но, од Димитровски и Главчев се бара одговорност и за уште едно потешко кривично дело- перење пари.

Според СЈО, тројцата функционери кои се спасија од одговорност, за да го контролираат функционирањето на Поштенска банка овозможиле учесници во основањето да бидат и фирмите на Главчев и Димитровски, покрај Македонска пошта која била во државна сопственост.

Телоп – СЈО На сопствениците на овие правни лица, на Томе Главчев и Ратко Димитровски им било кажано дека во основањето на Банката нема да учествуваат со сопствени средства, туку со пари кои ќе ги обезбедат од кредити. Планот бил основањето на „Поштенска банка“ да не биде со средства на осомничените, туку со средства од други извори, што е спротивно на Законот за банки.

Главчев и Димитровски ги добиле кредитите со помош на првиот генерален директор на Поштенска Банка, Коле Смилевски, кој е исто така осомничен во оваа истрага на СЈО. За да ги прикријат парите од незаконските кредити, но и акциите во поштенска банка , Главчев и Димитровски подигнале кредити од „Еуростандард банка“, а како гаранција ги приложиле акциите во Поштенска.

„Oсомничените Смилевски, Главчев и Димитровски со цел, незаконски да извлечат парични средства од „Поштенска банка“ направиле обид за докапитализација на Банката со издавање на втора емисија на акции за однапред познати купувачи.“ – се вели во соопштението од СЈО.

Во истрагата се опфатени и потенцијалните купувачи, односно управителите на шест друштва, кои се обиделе акциите да ги купат со средствата од истата банка , со што постапиле спротивно на Законот за банки, пишува СЈО. Иако за нив немало штета, Смилевски им признал побарување од по 13 милиони денари, а обештетувањето го искористиле за да ги затворат кредитите на Главчев и Димитровски во Поштенска банка. Сето ова го знаеле управителите кои одговараат за делото перење на пари. Според СЈО вкупната штета била околу 82 милиони денари.

поврзани објави

Последни објави