6.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Дисперзија на мислата

Центрите на маса нам в срце ни се,
та при јад и бол,
таму кантарот најоловен е.
Затворени очни капаци,
милна темнина и
весник на одморот,
збогување со реалноста за момент,
се ракувам со секоја грижа од денот спакуван в секунди,
времето ми бега,
и пак ненаситна сум,
за стравови без поткрепа,
цртам јами со чекорот низ мислата,
застанувам на нозе со нови лузни,
лузни од имагинации.
Ми дивее секој здив под градите,
се гушам голтајќи ги зборовите,
ми се надразнува снагата од мастилото,
избива под очите,
зборува на јазикот на уморот.
Затворени очни капаци,
се накиснувам во белата светлина,
го голтам соленикавиот вкус
на сите бои кои ми ја
редефинираат површината на образите.

Автор: Николинка Митрева

поврзани објави

Последни објави