fbpx
22.8 C
Skopje

Совет до власта и опозицијата: Начучулете ги добро ушите кога Љубчо Георгиевски ви дели бесплатни совети

АКТУЕЛНО

„Првата точка за да се разговара во Брисел е закон за амнестија. И двете страни се спремаат за период кога ќе има многу апсења, и ако влеземе во тој циклус, никогаш нема да излеземе од кризата и после некое време пак ќе дојдеме до тој момент да има амнестија. Може некој ќе ми се налути, но многу побрзо и полесно ќе се реши сè ако се договорат за тоа до каде таа треба да биде.

Ако остане вака, не ни се пишува убава иднина, а може ќе има и конфликти, па затоа е потребно брзо изнаоѓање на решение“, рече Георгиевски.

Овој предлог на екс премиерот Љубчо Георгиевски, даден уште во 2015 година, беше експресно отфрлен од „правдољубците“ СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, но и јавни личности кои му порачуваа на Заев дека нема да му биде простено доколку ги прифати пеколните комбинаторики на Георгиевски.

За нивна жал, но и за наша општа жалост, како за државата, така и за нејзините граѓани, човекот повторно беше во право. Не случајно и одредени провмровски портали почнаа да го нарекуваат „човек пред времето“.

Како велеа тогаш борците за правда: Нема да му се прости на Заев ако дозволи овој предлог да се прифати и збеснатите криминалци од ВМРО-ДПМНЕ наместо во затвор да завршат на слобода. Да ги цитирам: „Не прифаќаме амнестија за Груевски и неговата банда.

Бидејќи по којзнае кој пат не ги послушаа советите на Георгиевски, Македонија и нејзините граѓани повторно ќе трпат последици.

Дадовме 4 милиони евра годишно од државниот буџет за институција која ја доби најголемата поддршка од народот за да ја донесе правдата во Македонија или како што противниците на амнестијата тврдеа, за да ги стрпа криминалците во затвор. Сепак, наместо во затвор, криминалците уште се на слобода.

Институцијата зад себе има 40 недовршени процеси за цели 4 години работа. Човекот за кого велеа дека се плаши од СЈО, а чии државни институции дозволија денес да биде далеку од Македонија, сега си игра мајтап со нив на социјалните мрежи. Неговите најблиски соработници уште се на слобода, а дел од нив за кои слушавме многу обвинувања од сегашната власт дури седеа во опозициските клупи, се и поблиски во ставовите со СДСМ отколку со својата „матична“ партија.

Но, да се навратам на муабетот. Ако остане вака, не ни се пишува убава иднина, кажа во 2015 Георгиевски. Еве сме на средината од 2019, па ве прашувам: Ни се пишува ли убава иднина? Обичниот човек се прашува каде се изгуби довербата и како да ја повратиме? На кого да му веруваме? Зарем малку шанси им дадовме? Ова се неколкуте клучни прашања кои секој нормален граѓанин (а не партиски полтрон) треба да ги постави. И си ги поставува!

Убаво е и да си го поставиме прашањето: Дали како држава повеќе ќе не чинеше амнестијата или „правдата“ на СЈО? Со амнестијата приказната за чесни и криминалци ќе завршеше, а политичарите ќе требаше да се зафатат со решавање на крупните прашања за наше интегрирање во ЕУ и НАТО. Со „правдата“ пак на СЈО државата мораше да потроши 12 милиони евра, од кои 3,7 милиони евра се потрошени само во 2019 година. Со „правдата“ покрај потрошени државни пари за институции кои не си ја завршија својата работа, добивме и раст на недовербата на граѓаните во правосудните институции, но и во СЈО. Со „правдата“ наместо правда за криминалците, добивме НОВИ криминалци!!!

СОВЕТ: Начучулете добро тоа ушите (што би рекол Заев) кога овој човек ви дели бесплатни совети! Не поради вас, туку поради нас и Македонија!!!

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -