Работата на опозицијата во секоја демократска земја е да критикува. Тие критики упатени до Владата некогаш немаат аргументи, додека некогаш пак се силни и потпрени со аргументи толку многу што едноставно им бодат в очи на владините функционери. Знаете, како велеа на времето од ВМРО-ДПМНЕ: Ако ВМРО смени фасада, опозицијата критикува, а веќе по некое време таа почнува да менува фасади и да се гордее со тоа.
Оваа реченица е една од најточните и највистинити реченици од било кое пуштено соопштение за јавноста од страна на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Да, можеби не во буквална смисла на зборот, но како и да е, оваа реченица ја отсликува реалноста за конфликтот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кога се на власт и опозиција. Кога едните се на власт и „менуваат фасади“ тоа на другите им пречи, кога другите ќе дојдат на власт односно кога улогите ќе се сменат, тогаш па на другите им пречи. Значи, нема разлика! Има само разлика во тоа дали се во владин дрес или во опозициски дрес. Првиот и двете сакаат да го облечат. Додуша ВМРО-ДПМНЕ не го соблече повеќе од десет години, па убаво би било да ги потсетиме дека меморијата не ни е толку слаба како што мислат и дека не сме заборавиле како пак тие се однесуваа во изминатите 11 години.
Премиерот на тогашната влада Никола Груевски држеше пресконференции само кога лично на него ќе му беше по кеиф, а на истите ретко кога дозволуваше новинарски прашања за темата за која зборува или пак за прашања надвор од темата на пресот. За да не ви објаснувам како изгледаше тоа, во продолжение видео:
Но, и не само тоа. Во тоа „демократско време“ ако се сеќавате имаше и вакви интервјуа – видео во продолжение.
Тоа е едниот момент. Вториот момент е судството за кое толку многу сега зборуваат. Па зарем толку многу брзо заборавија како во тоа време се штанцаа судски одлуки? Па зарем заборавија дека Груевски душевната болка нанесена од Тито Петковски ја лечеше со 15. 000 евра, бидејќи дотичниот господин бил клеветен и навреден.
Зарем треба да зборуваме за односот на медиумите во кои бевме претставени како „Швајцарија на Балканот“, а на кои ликот на Груевски не симнуваше 24/7 ?
Застанете пријатели. Меморијата на нас, независните, многу добро ја отсликува фактичката состојба во која живееше македонскиот граѓанин во изминатите 11 години. Затоа е и убаво вака повремено да ве потсетуваме дека покрај тоа што знаеме каква сорта се пријателите од СДСМ, знаеме многу добро каква сорта сте и вие. И можеме да заклучиме, не многу различна. Денеска некогашните светци се рекетари, а сегашните рекетари се светци. Толку е различно, но само во вашиот ум. Во умот и меморијата на граѓаните после се, ќе останете исти и ниту малку различни.
Меѓу вас единствената разлика можеби е што едните си играте патриоти бранејќи го името, а другите си играте правдољубци кои ќе ја донесат „правдата“. Вие од ден на ден, преку вашите постапки, само ја зголемувате желбата на младиот човек да се исели од оваа држава. Уништивте здравство, образование, дозволивте да работиме за мизерни 200 евра плата, како најголеми робови во сопствената држава. Дозволивте луѓе, високо образовани, за кои родителите крај со крај врзувале за да можат да им го платат студирањето, да се иселат од државата и никогаш повеќе да не се вратат во неа. Не втурнавте во војна, да се раскараме брат со брат, роднина со роднина, пријател со пријател, не оставивте тронка љубов меѓу народот. Највеќе боли што заборавивте на децата. Не само на нашите, туку и на вашите. Тие кои ќе сакате да се гордеат со вас како родители еден ден. Заборавивте на сите наши деца, на децата на оваа држава кои ви ја дале довербата за да создадете иднина во Македонија, иднина за нив во сопствената татковина!
Затоа, убаво пишува во насловот: Ех, вие вмровците да бевте самокритични. Да можевте да рикнете како лав кој не трпи неправда, лав кој сака љубов меѓу народот, а не омраза, лав кој сака поубав живот за своето мало. Да бевте тоа, верувајте денеска немаше да бидеме овде кај што сме. Верувајте дека денеска немаше Ѓорчев да вреска во Собрание дека Македонија исчезнува и се иселува како никогаш досега. Верувајте да бевте барем малку од малку самокритични наместо годеливи и заборавени во сопствената моќ, Македонија и нејзините граѓани ќе имаа и подобро здравство, и подобро образование и поубави плати и подостоинствен живот. Да не должам. И едните и другите имавте шанса! Не покажавте некои посебни резултати. Народот повеќе не смее да ви верува. Мора да постои трета опција која ќе ги раздрма и СДСМ, но и ВМРО-ДПМНЕ, а со тоа ќе биде и гарант за еден достоинствен и убав живот во нашата мила земја Република Македонија!