Претседателот на ОК Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, се огласи на својот профил на Фејсбук откако претходно Отец Пимен објави фотографија со специјалната обвинителка Катица Јанева.
„Ти наместо да си чувар на овие вредности се врза со шарената групировка која две години игра по туѓо сценарио кое чекор по чекор треба да ја разнебити Македонија. Тие не ти се верниците во црквите, тие се гадат од нашата вера и светата македонска црква. Ти со ова се одвојуваш од македонската црква која останува чувар на македонскиот идентитет и сопатник со народот низ вековите.Ќе те наречев отец, ама ти тоа не го заслужуваш, бидејќи помила ти е накажаната слика со одродниците од македонскиот народ, отколку духовната храна. Сребрениците кои ти ги ветуваат фарисеите ќе те однесат до некое дрво покрај некој прашлив пат. Нели Пимене?Џабе се криеш под мантија Пимене. Народот те виде што мустра си и што целиш да добиеш за секоја твоја досетлива фејсбук преписка и објавена фотографија. Овој народ ќе те запамети и немој да се зачудиш ако некогаш со презир те отфрли. Затоа што народот те завладичи, народот ќе те одвладичи. ПС: најдоброто што можеш да го направиш е да бидеш владика, наместо политичар“, напиша Ѓорѓиевски.