fbpx
11.8 C
Skopje

Ниту во двор не може да се исече дрво без дозвола од Град Скопје

АКТУЕЛНО

Доколку жителите на главниот град во својот сопствен двор имаат дрвја што сакаат да ги исечат, за тоа мора да побараат согласност од градските власти. Ова е исклучително важно да се знае во овој период од годината, но и во рана пролет кога најчесто се сечат дрвјата.

За жал, на многумина ова правило не им е доволно познато, па во обид да си го средат дворот или, пак, да си обезбедат дополнителна количина дрво за огрев, сами се обидуваат да ги исечат дрвјата, притоа поради недоволно знаење и недоволно искуство, но и недоволна грижа за околината, да предизвикаат помала или поголема материјална штета за која подоцна сносат одредени санкции.

При ваквите сечи, неретко „страдаат“ каблите на телекомуникациските оператори, но и каблите за струја, состојба за која исто така следуваат одредени санкции.
Од ЈП „Паркови и зеленило“ велат дека нивни екипи работат на извршување на ваквите услуги потребни за граѓаните, но само доколку сопственикот на имотот каде што треба да се сече дрво, има претходно добиено решение.

– Ги информираме граѓаните дека најнапред е потребно да достават писмено Барање за кастрење/сечење дрвја до Секторот за комунални работи на Град Скопје (барака бр. 16). Служби од градот Скопје вршат увид на конкретната локација, по што се изготвува записник. Врз основа на фактичката состојба на терен (за конкретниот случај) се издава Решение од градот.

По пристигнатото Решение за кастрење/сечење во архивата на претпријатието, нашите екипи постапуваат по него. Напоменуваме дека без издадено Решение од град Скопје, екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ не вршат никакви интервенции – информираат од ЈП „Паркови и зеленило“.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -