fbpx
11.8 C
Skopje

Италија воведе најстроги антиковид мерки на светот: Од 600-1.500 евра казни за невакцинираните

АКТУЕЛНО

Владата на Италија денеска усвои една од најстрогите мерки против ковид-вирусот во светот, обврзувајќи ги сите вработени во јавниот и приватниот сектор да имаат сертификат за вакцинација, негативен тест или потврда дека неодамна се опоравиле од ковид.

Одлуката е донесена на владина седница и треба да стапи на сила на 15 октомври.

Целта на овој потег е да ги убеди луѓето да се вакцинираат и да ја намалат инфекцијата во една од најпогодените земји од пандемијата на коронавирус.

Работникот кој нема да може да презентира валиден здравствен сертификат ќе биде суспендиран без плата, но не може да биде отпуштен. Оние што ја игнорираат уредбата и доаѓаат на работа без потврда за ковид, ќе бидат казнети со казна од 600 до 1.500 евра, пишува Ројтерс, каде имале увид во нацрт-мерките.

Иако некои земји од ЕУ наредија здравствените работници да се вакцинираат, ниту една пред Италија не утврдила дека сертификатот за ковид е задолжителен за сите работници.

Идејата за сертификат за „Ковид“ првично беше поврзан со патувањата, но Италија многу брзо почна да ја применува на места како музеи, спортски сали и ентериери на ресторани.

Иако во последните недели имаше протести против овие мерки, повеќето политички партии, како и главните здруженија на работодавачи, ги поддржаа со надеж дека нема да има дополнително затворање на економијата.

Лидерите на синдикатите се помалку склони кон нови ограничувања и веруваат дека оние кои не сакаат да се вакцинираат мора да добијат бесплатни тестови за да стигнат на работа.

Италија, по Британија, има најмногу смртни случаи и позитивни на коронавирус во Европа, повеќе од 130,000 од почетокот на пандемијата.

Околу 73 проценти од 60 -те милиони жители примиле барем една доза, а 68 проценти биле целосно вакцинирани.

Противниците на зелениот сертификат тврдат дека овој документ, како задолжителен, ги крши слободите на граѓаните и сака да воведе присилна вакцинација. Неколку европски земји го користат здравствениот сертификат за рекреативни активности и патувања, но ниту една не го прогласила за задолжителен за сите работници во јавниот или приватниот сектор.

Италијанската медицинска агенција АИФА минатата недела објави дека одобрила ревакцинација со трета доза вакцина против Ковид-19 за ранливите групи население.

Агенцијата одобрила таканаречена засилувачка вакцина за сите оние кои најверојатно ќе имаат послаба заштита по примањето на редовните две дози од вакцината – имунокомпромитираните луѓе, постарите од 80 години и жителите на старечки домови.

Исто така, одобрена е ревакцинација со трета доза за сите здравствени работници кои често се изложени на можност за инфекција со коронавирус.
Извор: Канал5

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -