Газдата на софискиот великан Левски, Васили Божков, кој уште пред неколку месеци избега во Дубаи откако властите во Бугарија утврдија дека проневерил 250 милиони евра, се откажа од сопственоста на клубот и акциите му ги даде на премиерот на источниот сосед Бојко Борисов.
Божков со писмо до бугарската јавност објавил дека му ги поклонува акциите на Борисов, па сега бугарскиот премиер го има жешкиот костен во раце околу софиските „сини“, кои се наоѓаат во многу тешка ситуација и практично се пред банкрот. Борисов откако избувна аферата со затајувањето на данок од страна на Божков, имаше состанок со навивачите на Левски и тогаш им порача да си ги земат акциите и сами да го раководат клубот, ама…
„Левски е во многу тешка ситуација најмногу поради намерното ограничување во работењето на компаниите кои се главни спонзори. Затоа сите акции на клубот сега ги пренасочуваме кон човекот кој е најодговорен за пропаѓањето на клубот, а тоа е премиерот Борисов. Тој веќе неколкупати изјави дека е подготвен да го сочува клубот ако се смени сопственичката структура“, објавил Божков.